Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Фон дер Лајен: Украина се движи кон следната фаза од процесот на пристапување кон ЕУ  

 Со одличните резултати што ги постигна во реформите и со напорната работа, јас сум убедена дека Украина се движи кон следната фаза од процесот на пристапување кон ЕУ, изјави денеска во Киев претседателката на Европската комисија, Усрула фон дер Лајен. 

На заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски по нивната средба, Фон дер Лајен нагласи дека Украина постигна одличен напредок на патот кон ЕУ на што ќе бидеме сведоци следната недела кога Европската комисија ќе го објави својот извештај за проширувањето. 

– Импресионирани сме од реформите што ги направивте среде војна. Никогаш нема да заборавиме дека водите војна за опстанок, а во исто време длабоко ја реформирате земјата. Се справивте со многу предизвици, реформирајќи го правосудниот систем, ограничувајќи ја моќта на олигарсите, справувајќи се со перењето пари и уште многу повеќе, додаде Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека во исто време Украина направи значителен чекор напред и во модернизацијата на земјата, мерки што беа поддржани со 83 милијарди евра помош од ЕУ, но потребно е дополнително и предвидливо финансирање за остварување на поставените цели, па затоа Еврокомисијата им предложи на земјите членки на ЕУ да обезбедат дополнителни 50 милијарди евра за Киев до 2027 година. 

– Со тоа ќе земјата дополнително ќе се модернизира преку реформи и инвестиции, истакна претседателката на ЕК. 

Таа потсети дека дури и во услови на војна, Украина продолжи да го снабдува светот со храна, па затоа од клучна важност е да се овозможи функционирање на рутите за извоз на украински прехранбени производи. 

– Ние ќе продолжиме со нашите напори да ја натераме Русија да плати за својата агресија. Нашите постојни санкции имаат длабоки последици врз руската економија и наскоро на земјите членки ќе им го предложиме нашиот 12 пакет на санкции во кои ќе има нови листа на одговорни за инвазијата и окупацијата на оваа држава, но и на оние што се одговорни за бруталното киднапирање на деца и оние кои се инволивирани во ширење лажни вести и пропаганда. Пакетот ќе вклучува нови забрани за увоз и извоз и мерки за намалување на разликите во цената на нафтата, истакна Фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ ќе ги преземе овие санкции во координација со своите партнери до Г7. 

Таа нагласи дека Русија мора да плати за штетите што ги предизвика и затоа смета дека каматите од замрзнатите руски средства во ЕУ треба да се искористат за обнова на Украина, најавувајќи дека Европската комисија до крајот на годината ќе предложи решенија што ќе овозможат тоа и да се случи. 

-Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите за чесен и праведен мир за Украина. Тоа е наша цел и доказ дека нашата поддршка е непоколеблива, истакна Фон дер Лајен. 

Зеленски од своја страна нагласи дека посетата на Фон дер Лајен доаѓа во многу важен историски момент кога Украина очекува политичка одлука за почеток на преговорите за членство во ЕУ. 

– Ова одлука ќе има клучна улога во историјата не само за Украина, туку и за цела Европа. Отпочнувањето на преговорите за членство со Украина, што верувам дека ќе се случи, е прашање на неколку принципи. Прво, повеќе ќе нема сиви геополитички зони во Европа, второ, ќе поставиме база за раст на Украина и на сите европски земји и трето, тоа ќе гарантира вистинска социјална и економска сигурност за нашата земја и за украинскиот народ, изјави Зеленски. 

Тој нагласи дека дури и во време на војна Украина не престана со спроведувањето на реформите со цел да ги исполни поставените критериуми и препораки за членство и да оствари европски начин на живот. 

– Овие критериуми опфаќаат владеење на правото, заштита на човековите права, слобода на етничките заедници, поголема транспарентност во работата на државните институции и зајакнување на системот за борба против корупцијата. Но, Украина не застанува тука. Реформите на нашите институции ќе продолжат, додаде Зеленски. 

Тој нагласи дека на средбата станало збор и за специфичната финансиската и воената поддршката за Украина и нејзиното општество за одбрана од руската агресија. 

– Русија треба да види дека светот не отстапува од одбрана на слободата и меѓународното право и јас сум ви многу благодарен за тоа. Секако, важно е да продолжиме со нашата заедничка работа и да обезбедиме дека руските средства во странство, а пред се во Европа, ќе се користат против руската аграсија. Важно е и чесно, терористичката држава со нејзини средства да ги покрие трошоците што ги предизвика, рече украинскиот претседател, додавајќи дека Украина со нетрпение го очекува новиот пакет санкции на ЕУ кон Русија. 

Тој оцени конфликтот на Блискиот Исток ја дефокусира меѓународната јавност од случувањата во Украина, нагласувајќи дека најголема полза од тоа дефокусирање има Русија. Сепак, според него, Украина нема друга опција освен да продолжи да се бори за одбрана на својата слобода и независност. 

На новинарско прашање за коментар во врска со информациите објавени од некои медиуми дека Киев е под притисок од Западот да прифати преговори со Русија, Зеленски изјави дека не му е јасно кој и зошто ги шири тие дезинформации, нагласувајќи дека врз Украина никој не врши притисок да преговара. Во одговор на ова прашање, Фон дер Лајен изјави дека Украина е суверена држава и самата носи одлуки за тоа дали ќе преговара.

Зачлени се на нашиот е-билтен