Во рамките на „ЗАЕВ спортско-рекреативна програма“, која меѓу другото има за цел да го потпомага афирмирањето на македонскиот спорт во меѓународни рамки, Фондација „Едно општество за сите“, во соработка со сродни општествено одговорни компании, обезбеди спонзорство од 1346 евра за македонската велосипедистка Дуња Иванова, за нејзино учество на Европското првенство кое ќе се одржи во Полска, во јуни 2024 година. Со тоа, Дуња Иванова ќе биде прва жена од Северна Македонија која ќе се натпреварува на едно европско првенство во велосипедизам.
Инаку, Иванова како државна првенка во планински велосипедизам, во август минатата година, учествуваше на Светското првенство во Глазгов – Шкотска, а годинава, покрај учеството на Европското првенство, ја очекуваат и редица други натпревари низ Балканот и Европа.
Покрај поддршката на велосипедизмот, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, во текот на 2024 година, ќе биде поткрепа и на други бројни спортисти и спортски колективи, како и на проекти и активности, кои покрај афирмација на спортот, ќе бидат своевиден влог во здравјето и развојот на младите.
Поддршката за афирмација и популаризација на жената во спортот, но и на спортот воопшто, е една од првите активности на фондацијата оваа година којашто започна со донацијата на уште едно амбулантно возило за ЈЗУ Општа болница – Струмица.