Американската пејачка Тејлор Свифт веќе е милијардерка, според најновото рангирање на богатите светски познати личности, спроведено од списанието „Форбс“.
За помалку од една година, Свифт го зголеми своето богатство за 360 милиони долари, најмногу благодарение на турнејата „The Eras Tour“ и нејзините 152 концерти ширум светот. Со богатство коешто се проценува на 1,1 милијарда долари, пејачката родена во американската сојузна држава Пенсилванија стана првата уметничка која ја премина границата од 10 цифри исклучиво од сопствената музичка заработка.
Според „Форбс“, вредноста на нејзиниот музички труд и шесте студиски албуми сега е околу 500 милиони долари. На таа сума се додаваат и недвижнини со вкупна вредност од 125 милиони долари, како и приватен авион, проценет на 10 милиони долари.
Турнејата завршува на 8 декември во Ванкувер, а на пејачката веќе ѝ донесе 190 милиони долари.
Според неколку проценки, „Ерас“ е на пат да стане концертна турнеја со најголема заработка во музичката историја – многу над милијарда долари.
Тејлор Свифт не е единствениот музички уметник во одбраниот круг на познати милијардери. Раперот Џеј Зи, ар-ен-би пејачката Ријана и Џими Бафет веќе ја престигнаа, но сите други дел од своето богатство го должат на вложувања во активности коишто не се директно поврзани со музиката. си/ссм/