Пишува: Ана Василевска
Томислав, љубезен куратор на овој нетипичен музеј не дочекува со идеја да ги раскажува основните информации за музејот. Но, додека слушаме Хаустор и се топиме пред стотици артефакти, како боросанки, старки, цедиња, написи на „Полет“ и „Џубокс“, фотографии, фотоапарати, машина чукање, аудио касети, оригинални ракописи на песни, постери и не знам уште какви скапоцени детали од една младост, со водичот како да се познаваме со години….
Скопје-Загреб 23. февруари, 2023 година. Мое прво постпандемиско патување, и случајно или не во градот чиј дух ми е вграден во клетките преку музиката од новиот вал, голтање на расните новинарски текстови од „Глобус“, претставите на ХНК. И секако дека го чувствувам како дел од себе, како веќе позната и чекорена територија, иако баш никогаш досега патот не ме одведе таму.
Чувството на близина, се засилува низ возење по нешто повеќе од 700 километри, во друштво на фреквенцијата на култното белградско „Радио 202“ , па подоцна на хрватско тло „Радио ХРТ 2“. Селективен избор на најдобрите песни од 80-ти, хитови што го одбележаа музичкиот њу вејв во поранешна Југославија, сцена која се прелеа од Лондон а својата одомаќинета верзија ја доби на север во Риека и се рашири јужно до Вардар.
Минувам граници, а музиката и активните размислувања што ме следат, како да не го забележуваат овој формален застој за приложување на пасошот. Сознанието дека веќе сум во држава на Европската унија, не ми прави особена сензација. Хрватска и пред влезот во ЕУ имаше најдобри автопатишта, култура и други високо развиени цивилизациски вредности. Особено времето во осумдесеттите, во прогресивните нишки на музичкиот и интелектуален бум на Југославија, рафиниран слободарски дух, квалитетна новинарска критика, лојална политичка дебата.
Светот не е црно-бел – Интермецо од реалноста
Февруари како април. Улица Града Мајнца 14., ме буди поглед кон стари дрва на див костен, и веќе ми се врти во глава „Када Загреб израња из сна“ и Џони Штулиќ. Да, тоа е тој Загреб што го знам одсекогаш.
Се упатувам кон плоштадот „Бан Јелачиќ“ и розовите облаци ми ги растура нов кадар. Десетици граѓани распослале голем транспарент „Престанете ја војната веднаш!“.
Една година од руската агресија врз Украина, и овие луѓе кои не така одамна минаа низ ужасот и апсурдот на војната, собрани на плоштадот ја испратија својата порака.
Се обидувам да го потиснам датумот што лани сосема ја смени полтичката, економската и социјалната слика во Европа и инаетливо да ја смрзнам сликата во друго време.
Музејот на Нови вал-патување низ времето и одблиску со Рундек, Штулиќ, Стублиќ, Гобац…
Се навраќам на сликите од документарниот филм „Сретно дијете“ на Игор Мирковиќ, филм од 2003 година кој фасцинантно ја документираше загребската музичка сцена од новиот бран. Каде ли е тротоарот на слаткарницата „Звечка“ ( пандан на скопска „Ванила“), собиралиштето кое спонтано во почетокот на осумедестите во Загреб ќе стане епицентар на новите кретивни, интелектуални, музички вредности?
„Гугл мапс“ во самиот центар на градот, покажува непосредна близина до новоотворениот Музеј на Нови вал, и со едноставна навигација, стигнувам на улицата „Влашка 67“. До точната локација се минува низ мал пасаж со ѕидови оплеменети со напис „Музеј новог вала ЗГ“. Пред вратата паркирана Застава 101 „стојадин“, на која може да се стави кафе, исто како и пред „Звечка“ во загрепска Масарикова. А има и телефонска говорница, спас пред појавата на мобилната телефонија, со уфрлување на монети-да се јавиш некој да ти се приклучи на уличната дружба.
И овој архивиран свет, го отвора кој друг ако не испишаниот стих: „ДОЛАЗИМ ТИ КАО ФАНТОМ СЛОБОДЕ, ДА ТЕ ВОДИМ РАВНО ДО ДНА!“
Треперам како мало дете, и влегувам во паралелен универзум што за милиони од една генерација значеше се, клучна едукација што ќе го детерминира нивниот натамошен развој.
Томислав, љубезен куратор на овој нетипичен музеј не дочекува со идеја да ги раскажува основните информации за музејот. Но, додека слушаме „Хаустор“ и се топиме пред стотици артефакти, како боросанки, старки, цедиња, написи на „Полет“ и „Џубокс“, фотографии, фотоапарати, машина чукање, аудио касети, оригинални ракописи на песни, постери и не знам уште какви скапоцени детали од една младост, со водичот како да се познаваме со години…. По којзнае кој пат се уверувам дека заедничкиот културолошки интерес е најсилната алка меѓу луѓето. Потпрашуваме, разгледуваме и го живееме миговното враќање во светот на младешките идоли.
Тука се и делови од облеката на ѕвездите од њу вејв – капата на Даворин Боговиќ од видеото на Dirty Theatre, комбинезонот во кој безброј пати настапуваше Дарко Рундек од „Хаустор“, оригиналниот пешкир со кој Џони Штулиќ од Азра ја бришеше потта на настапите…
Потсетување и на младинскиот печат од тоа време, алтернативниот театар и дизајнот. Гласила кои ги поместија границите на слободата на говорот а написите и текстовите на песните од тоа време често содржеа критики за социјализмот, за системот кој во споменатиот период се бореше со висока инфлација, задолженост и недостиг во продавниците.
Ни се приклучува Александар Чрчек, тв и филмски продуцент, еден од основачите на музејот:
Раскажува за отворањето на музејот лани во ноември, идеја која долго тлеела и се реализирала речиси комплетно без финансиска поддршка. Многу кретивност и донации со љубов, била формулата за да го добие конечниот изглед. Вели дека сакале да ја овековечат страста, љубовта и ентузијазмот од 70-тите и 80-тите години, кога Загреб беше европска престолнина на музиката, кога Мелоди Мејкер, Њу мјузикл експрес и други весници пишуваа за тоа што се случува во Загреб, Белград, Љубљана. и Нови Сад.
Се изнајдовме и за нашите уметници, за Влатко Стефановски, за режисерот Александар Поповски, за некои филмски копродукции со Македонија.
Дознавам анегдота за концерот на „Леб и сол“ што се случил на 30.09.1978 година во Дом спортова во Загреб, а кој практично се смета за пресвртница и почеток на експанзијата на момците од новиот бран. Имено, како предгрупи на веќе познатиот скопски бенд, настапуваат „Прљаво казалиште“, „Панкрти“ од Љубљана, „Азра“ од Загреб и „Параф“ од Риека. И публиката „збеснува“ токму на предгрупите. Враќање назад нема. Инфекцијата е силна и следува декада на комплетен музички пресврт.
Веќе во „филигранскиот“ албум на Азра, Џони пее „Бријем браду и бркове, да личим на Панкрте“ и го радикализира саундот.
Е тука, неизбежно беше да го прашам Чрчек за реакцијата на Штулиќ по повод музејот – Не исплука во негов стил (се смее Чрчек), какви биле тие глупости да се отвора музеј за нови вал!
Но, познати се овие испади на фронтменот на Азра, роден скопјанец кој замина од Загреб пред самиот распад на Југославија во 1989 година со зборовите „Немам више ни ским, ни против кога“. Како да ја насети бурата што ќе следи, распадот на федерацијата и крвавите војни.
Музејот е мултимедијален простор и иницирачка каписла за повеќе сестрински музеи
Нема крај на муабетите, наздравуваме со хрватско крафт пиво и веќе ја осмисливме изложбата на Зоран Кардула со серијалот „Деца на социјализмот“. Оваа едиција на нашиот уметник одлично би легнала во овој дом на 80-тите.
Изненадува фактот што музејот брзо по неговото отворање станува атрактивен и за некои нови клинци. Го посетиле групи студенти и средношколци и од Сараево а најави има и од други градови ширум бившата држава.
Ги догледуваме фотографиите од бендови од њу вејв, постери со покани за концерти на популарни дестинации како што се Лапидариј, Кулушиќ, Јабука, СЦ, ракописи од песни, копии од весникот „Полет“ од втората половина на 1970-тите и бројни стрипови.
Ова се повеќе од експонати, ова се парчиња убави емоции на кои си благодарен што некогаш си ги живеел.
И така заминувам среќна, дека музичкото и субкултурното движење што го зафати целиот свет на крајот на седумдесеттите имаше свои многу силни ограноци во неколку градови на тогашна Југославија – Загреб, Белград, Љубљана, Сараево и Риека, сега има свој сведок.
Денес Загреб, а утре – каде?
Амбициозниот план на основачите на музејот Нов бран во Загреб е во музејскиот простор да го претстават тоа време, тогашната младинска култура, а пред се музиката – Азра, Хаустор, Филм, Прљаво казалиште и петнаесет други познати и помалку познати загрепски бендови кои го формираа столбот на Новиот бран.
Просторот го дизајнирал академскиот скулптор и сценограф Давор Антолиќ Антас, и самиот – како еден од првите рокабили во градот – учесник на тие времиња.
Музејот не сака да застане во Загреб, бидејќи Новиот бран во тоа време тресеше некои други градови на Југославија. По Загреб на ред се Риека, Љубљана и Белград.
Историјата не може да се реконструира, но сеќавањата вткаени во секој облик на уметност имаат место во вечноста. Новиот вал не е мртов!
(Посветено на Д.Д)
(НоваТВ)