(ФОТО) Отворен најголемиот музеј во Египет: „Подарок на светот од земја со историја стара 7.000 години“

Премиери, претседатели и членови на кралски семејства пристигнаа во Каиро во саботата за да присуствуваат на спектакуларното отворање на новиот, монументален Голем египетски музеј (GEM), изграден во близина на пирамидите во Гиза. Музејот ќе ја чува една од најбогатите светски колекции на антиквитети.

Отворањето го означи крајот на дводеценискиот градежен проект, кој беше забавен поради Арапската пролет, пандемијата и конфликтите во соседните земји, пренесува „Ројтерс“.

„Сите сонувавме за овој проект и се прашувавме дали навистина ќе стане реалност“, изјави египетскиот премиер Мостафа Мадбули, опишувајќи го музејот како „подарок на Египет за целиот свет, од земја чия историја трае повеќе од 7.000 години.“

epa12498151 Heads of state pose for a group photo during the official opening of the Grand Egyptian Museum (GEM) in Giza, Egypt, 01 November 2025. After 20 years under construction, the Grand Egyptian Museum, the world’s largest archaeological museum, located next to the pyramids of Giza, is now officially open. EPA/JOAO RELVAS

Во публиката беше присутен и претседателот Абдел Фатах ел-Сиси, кој истакна дека со отворањето на музејот Египет „пишува ново поглавје во приказната за сегашноста и иднината на оваа древна нација“.

Сјајна церемонија пред пирамидите

Пред зградата на музејот беше прикажано аудиовизуелно шоу со најпознатите египетски културни симболи, додека танчери во блескави фараонски костими изведуваа перформанси со светлечки сфери и жезли.

На сцената настапија и египетски поп-ѕвезди и меѓународен оркестар облечен во бело, а небото над Каиро беше осветлено со ласери, огномет и светлечки фигури кои се претвораа во подвижни хиероглифи.

epa12497156 A statue of King Ramses II displayed at the Grand Egyptian Museum ahead of the opening ceremony in Giza, Egypt, 01 November 2025. The Grand Egyptian Museum, the world’s largest museum dedicated to a single civilization, is set to open officially on 01 November 2025 with an inauguration ceremony expected to be attended by numerous heads of state. EPA/MOHAMED HOSSAM

Благо од Тутанкамон и статуата на Рамзес II

Меѓу највредните експонати е огромната колекција на богатства од гробницата на Тутанкамон, откриена во 1922 година – златната погребна маска, трон, саркофагот на младиот владетел и илјадници други предмети.

Впечатливата статуа на Рамзес II, која со децении стоеше на плоштадот во центарот на Каиро, сега го краси големиот влезен хол на музејот.

Архитектонскиот дизајн на комплексот, инспириран од формата на пирамидите, остро се разликува од неокласичниот Египетски музеј во центарот на Каиро, отворен пред повеќе од еден век, кој со години се соочува со проблеми и застарени поставки.

Музеј со порака: автентичен одговор на Лувр и Британскиот музеј

„GEM не е реплика на Лувр или на Британскиот музеј. Тој е египетскиот одговор на двата. Тие музеи се родени од империја, овој е роден од автентичност,“ стои во напис на весникот Al-Ahram Weekly, кој го опиша музејот како „филозофија исто толку колку и градба.“

Изградбата, која чини повеќе од една милијарда долари, главно е финансирана преку јапонски развојни заеми. Зад дизајнот стои ирското архитектонско студио Heneghan Peng Architects, а музејот се простира на површина од 48 хектари, речиси колку Ватикан.

Нов симбол на национален престиж

Со отворањето на Големиот египетски музеј, властите се надеваат на засилен туристички раст и подобрување на имиџот на земјата во однос на заштитата на нејзиното непроценливо културно наследство.

Музејот се очекува да стане нов симбол на египетскиот културен суверенитет и глобална амбиција, со што Египет ја потврдува својата улога како чувар на една од најстарите цивилизации во светот.

Зачлени се на нашиот е-билтен