(ФОТО+ВИДЕО) Македонските работници се кренаа на нозе, огромен протест во Скопје

Илјадници работници попладнево излегоа на синдикален протест во Скопје, откако Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ повика на масовно изразување незадоволство поради, како што велат, падот на животниот стандард и застојот на платите. Протестот почна околу 17 часот пред зградата на ССМ и се одржа под мотото „Без договор на маса – протест на улица“, со централно барање минималната плата да се зголеми на 600 евра, а останатите плати линеарно да пораснат.

Организаторите најавија марш низ центарот на градот – од Работничкиот дом кон Собранието и Стопанската комора, со финале пред Владата, каде што треба да бидат испорачани барањата. На протестот се приклучија и синдикални структури од повеќе сектори, меѓу кои и вработени во безбедносните служби. Македонскиот полициски синдикат информира дека ја поддржува иницијативата за зголемување на платите најмалку за 6.000 денари преку раст на минималната плата, а дополнително бара и 20% покачување за вработените во МВР, АНБ, Агенцијата за разузнавање и Финансиската полиција.

На самиот марш се слушаа и свирежи и скандирања кон власта, а дел од присутните извикуваа „уа“ и „лопови“. Од пред Собранието, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, упати остра порака дека синдикатите се подготвени на радикализација доколку нема договор: најави блокади и генерален штрајк, но и собирање најмалку 10.000 потписи за синдикатите да станат овластен предлагач на закон со кој ќе се бара намалување на платите на функционерите за 80%. Пораката, според неговите зборови, е дека ако политичарите не ја прифатат минималната плата од 600 евра, „доаѓаат по нивните плати“.

Синдикатите аргументираат дека сегашната минимална плата не ги покрива основните животни трошоци. ССМ посочува дека минималната плата од 24.379 денари е повеќе од двојно пониска од синдикалната потрошувачка кошница и дека инфлацијата директно го „јаде“ работничкиот стандард, додека платите на функционерите растат со побрзо темпо. Во таа рамка ја лоцираат и, како што го нарекуваат, игнорантскиот однос на Владата и дел од работодавачите кон барањата за корекција на платите.

Од Владата, според медиумските извештаи, повториле дека законското зголемување на минималната плата ќе се случи во март, додека премиерот Христијан Мицкоски оценил дека зад протестите има и политички мотиви. ССМ, пак, најави дека ако не добие конкретен одговор на барањата, синдикалниот притисок ќе продолжи и во наредниот период.

Зачлени се на нашиот е-билтен