Операторот на преносниот систем на Македонија – МЕПСО, Француската агенција за развој (AFD) и компанијата RTE International потпишаа договор за грант во вредност од 600.000 евра, наменет за поддршка на модернизацијата и дигитализацијата на националниот преносен систем. Истовремено, Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси потпиша заедничка декларација со AFD, со што Француската агенција официјално стана партнер на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија.
Проектот опфаќа четири приоритетни области:
– изработка на студии за адекватност на системот со помош на пазарниот симулатор ANTARES,
– пресметка и димензионирање на системските резерви,
– развивање методологија за пресметка на преносни загуби,
– и изработка на физибилити студија за дигитализација на електрични трафостаници.
Министерката за енергетика Сања Божиновска изјави дека техничката поддршка од AFD ќе му овозможи на МЕПСО поефикасно да ја управува варијабилноста во системот што произлегува од зголеменото учество на обновливи извори и пазарни флуктуации.
„Поинтелигентна и напредна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чистата енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот“, нагласи Божиновска.
Извршната директорка на RTE International, Вероника Милевски, истакна дека договорот обединува напредно моделирање на електроенергетскиот систем, иновативно предвидување на резервите со вештачка интелигенција (AI) и пилот-проект за дигитализација на трафостаница од 110 kV – што е, како што рече, „решителен чекор кон поотпорна, транспарентна и конкурентна електроенергетска мрежа“.
Директорот на МЕПСО, Бурим Латифи, објасни дека пилот-проектот ќе овозможи развој на целосно дигитална трафостаница со напредни системи за заштита, управување и мониторинг.
Заменик-директорот на AFD за Западен Балкан, Франсоа Винс, изјави дека агенцијата останува посветена на поддршката на праведната и одржлива енергетска транзиција на Северна Македонија, а потпишувањето на договорите претставува конкретен чекор во таа насока.
На церемонијата присуствуваше и францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголеур.
Со овој проект, Северна Македонија се придружува на земјите од регионот – како Црна Гора и Албанија – кои веќе воспоставија соработка со AFD и RTE International во насока на модернизирање на своите електроенергетски системи и зголемување на користењето на чиста енергија.