Французите денеска масовно излегуваат на првиот круг од вонредните парламентарни избори, што би можело да го отвори патот на екстремната десница да дојде на власт, пренесуваат странските агенции.
Излезноста на гласачите до пладне беше 25,90 отсто, односно повеќе од претходните избори во 2022 година, кога до пладне гласаа 18,43 отсто од граѓаните.
Многу политичари гласаа во нивните области утринава, вклучително и претседателот Емануел Макрон, лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен и премиерот Габриел Атал.
Првите резултати од излезните анкети ќе бидат познати околу 20 часот по затворањето на гласачките места.
Според последните анкети, екстремната десница предводена од младиот Жордан Бардела (28) би можела да освои меѓу 35 и 36,5 отсто од гласовите.
На второ место треба да биде левата коалиција, во која радикалната левичарска партија Непокорна Франција е со 27,5 до 29 отсто од гласовите, додека центристичката коалиција на Макрон е на трето место со 20,5 до 21 отсто од гласовите.