Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро ја обвини Унгарија за „предавство на солидарноста потребна меѓу земјите од Европската Унија“ откако беа објавени нови информации за контактите на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто со Русија.
Обвинувањата дојдоа откако конзорциум од истражувачки новинари доби снимки на кои се слуша како Сијарто му нуди на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да испрати документ за пристапувањето на Украина во ЕУ.
Лавров претходно изјави дека Москва се обидува да добие документ во врска со улогата на малцинските јазици во преговорите за пристапување на Украина. „Ќе ви го испратам. Нема проблем“, наводно одговорил Сијарто.
„Ова е предавство на солидарноста што е потребна меѓу земјите од Европската Унија“, изјави Баро за радио „Франс Интер“. „Ако сакаме да бидеме силни во свет каде што се креваат нови империи, мора да бидеме обединети и солидарни“, додаде тој. Полскиот премиер Доналд Туск, исто така, ја критикуваше Унгарија во средата, нарекувајќи го видеото „навистина шокантно“.