Франција најавува поморски интервенции за илегални преминувања кон Англија

Во Франција ќе се спроведуваат и „операции за контрола и интервенција (…) врз основа на студиите што ги спроведуваат сите релевантни државни служби“, соопшти Поморската префектура

Франција денеска соопшти дека „наскоро“ ќе почне да ги пресретнува малите чамци на шверцерите на луѓе на море на патот кон Англија, пред во нив да се качат мигранти.

Оваа промена на политиката, која Париз ја почна под притисок од Лондон, се подготвуваше со месеци.

Француските власти бараа да најдат начин да се спротивстават на „такси чамците“ – метод што го користат шверцерите чии чамци испловуваат далеку од брегот каде што се собираат мигрантите. Чамецот се приближува до брегот, ги собира патниците од морето и ги вози кон Англија.

– Поморската жандармерија наскоро ќе може да спроведува контролни и интервентни операции на море врз пловила за кои постои сомневање дека се такси чамци, соопшти Поморската префектура на Ламанш и Северното Море (Premar), но Министерството за внатрешни работи не коментираше.

Портпаролот на британската влада денеска рече само дека Лондон „веќе работи на тоа властите во Франција да ја реформираат својата поморска тактика за да можат да интервенираат во плитките води“.

Кога пловилото на шверцерите на луѓе се наоѓа на море, поради ризикот од таква операција, може да интервенира само службата за спасување кога тоа е предвидено со меѓународните конвенции.

Отсега во Франција ќе се спроведуваат и „операции за контрола и интервенција (…) врз основа на студиите што ги спроведуваат сите релевантни државни служби“, соопшти Поморската префектура.

Тие идни операции на поморската полиција „ја земаат предвид најголемата важност на заштитата на човечкиот живот“ и се планираат пред качувањето на патниците за да не се загрозат нивните животи, рече портпаролот на Поморската префектура.

Меѓутоа, „во оваа фаза не се разгледува употреба на мрежи за запирање на такси-чамците“, соопшти Поморската префектура.

Тој метод, споменат во француските медиуми минатата недела, предизвика негодување кај организациите за помош на мигрантите, Амнести интернешенел и други невладини организации.

„Такси-чамците“ преземаат патници на една или повеќе „станици“ и пловат кон Англија, преоптоварени, редовно со повеќе од 70 луѓе.

Најмалку 27 мигранти загинале оваа година за време на тие опасни обиди за преминување на Ламанш.

Од 1 јануари, повеќе од 39.000 луѓе пристигнале со мали чамци до англискиот брег според британските податоци. Тоа е повеќе отколку во цела 2024 година, но помалку отколку во 2022 година, рекордната година со 45.000 успешни преминувања.

Повеќе од половина од оние кои илегално пристигнале во Велика Британија помеѓу септември 2024 и септември оваа година се од пет националности: Еритрејци (најзастапена националност), Авганистанци, Иранци, Суданци и Сомалијци.

Британската лабуристичка влада, под притисок од екстремната десница, овој месец најави реформа со која ќе ја заостри политиката за азил и имиграција, надевајќи се дека ќе го обесхрабри доаѓањето на илегални мигранти со мали чамци кои се бори да ги запре.

Зачлени се на нашиот е-билтен