На 16 декември, Црна Гора ќе затвори пет поглавја во преговорите со Европската Унија (ЕУ) на Меѓувладината конференција.
Франција, по дипломатските активности на државниот врв, одлучи да не го блокира затворањето на двете поглавја, објавија медиумите во Подгорица.
Вратата е отворена за Црна Гора да затвори пет поглавја од преговорите по директен разговор меѓу премиерот Милојко Спајиќ и францускиот претседател Емануел Макрон, објави порталот CdM.
Покрај средбата со Макрон, според тој медиум, Спајиќ разговарал и со германскиот канцелар Фридрих Мерц, со министрите на повеќето членки на ЕУ и со европската администрација.
Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ му пишал на францускиот претседател Емануел Макрон, барајќи политичка поддршка за затворање на сите пет поглавја, објави Вијести.
Премиерот Спајиќ, како што е најавено, оди во Брисел на 16 декември, каде што ќе разговара со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференција по свеченото затворање на поглавјето.