Франс прес: Француските власти се обидуваат ментално да ги подготват граѓаните за можен воен конфликт

Француските власти со месеци настојуваат да го подготват населението за можноста од поднесување жртви во случај на војна, но пораките тешко допираат до граѓаните кои се чувствуваат далеку од бојните дејства во Украина и уверени во заштитата што ја нуди нуклеарното одвраќање, пишува денес агенцијата Франс прес.

Началникот на Генералштабот на француската војска, генерал Фабијен Мандон, во вторникот значително го засили овој напор, изјавувајќи на конгресот на градоначалниците дека земјата мора да ја врати „духовната сила да ја прифати болката за да го зачува она што сме“ и дека треба да биде подготвена да „прифати дека ги губи своите деца“.

Овие зборови предизвикаа силни потреси во јавната дебата и на информативните телевизиски канали.

Опозициските партии го обвинија претседателот Емануел Макрон дека ја подготвува земјата за војна против Русија.

„Началник на Генералштабот не треба да кажува такви работи“, реагираше пратеничката група „Непокорена Франција“ (LFI) од радикалната левица.

Фабијен Русел од Комунистичката партија праша дали не се доволни веќе постоечките 51.000 спомен-обележја посветени на загинатите во двете светски војни. „Да, на национална одбрана, но не и на говор за одење во војна“, додаде тој.

Луј Алио од крајната десница рече дека човек треба да биде подготвен да умре за својата земја, но дека војната мора да биде праведна или јасно да се работи за опстанокот на нацијата. „Не верувам дека има многу Французи подготвени да одат да умираат за Украина“, истакна тој.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, француските власти — како и повеќето европски влади — постојано предупредуваат дека Европа се соочува со зголемена нестабилност предизвикана од амбициите на Москва и несигурноста во американската поддршка.

Во Националната стратешка ревија за 2025 година се наведува дека Франција треба да се „подготви за можноста од голем ангажман со висок интензитет во европското соседство околу 2027–2030 година, паралелно со масовно зголемување на хибридните напади на нејзина територија“.

Властите истовремено настојуваат да ја зголемат општествената отпорност на можни кризи. Владата денес објави упатство со совети за реакција на широк спектар ризици од поплави, преку сајбер-напади, до вооружени конфликти.

Иако, според анкетата на групата Elabe од март оваа година, 64 проценти од Французите стравуваат дека војната може да се прошири и на нивната земја, голем дел од населението сè уште се чувствува оддалечено од конфликтот.

Истражувачката Бенедикт Шерон, авторка на книгата „Дали треба повторно да се воведе воена обврска во Франција“, објаснува дека историското искуство, Франција како бојно поле во двете светски војни влијае на перцепцијата дека војна значи директна инвазија врз територијата. Според неа, изјавите на генерал Мандон доаѓаат во контекст на „силен отпор кон политичките власти“. Французите, додава таа, тешко ја прифаќаат идејата за масовна мобилизација која подразбира човечки и економски загуби, особено кога не се работи за одбрана од непосредна инвазија.

Елоиз Фаје од Францускиот институт за меѓународни односи (IFRI) предупредува дека довербата во нуклеарното одвраќање е „кратковида“. „Нуклеарното одвраќање не може да нè заштити од сите закани, не е создадено со таа цел, без оглед на тоа што мисли населението. Отпорноста и конвенционалните вооружени сили се исто така неопходни“, вели таа.

Како пример наведува дека нуклеарното одвраќање нема да спречи упад на дронови, саботажи или ширење дезинформации типични елементи на хибридно дејствување. Но, истражувачката Шерон објаснува дека француската јавност овие активности не ги доживува како „вистинска војна“.

Хибридните закани, додава таа, предизвикуваат нарушувања што не се доволно драматични за населението да прифати ограничувања какви што би донела евентуална мобилизација.

Зачлени се на нашиот е-билтен