Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФТМ: Потеклото на речиси три четвртини од приватните донации за европските партии е непознато за јавноста

 Податоците за потеклото на речиси три четвртини од донациите за политичките партии во Европската унија не се достапни за пошироката јавност, додека само седум од 27 земји-членки бараат партиите да го откријат идентитетот на сите приватни донатори, открива новото истражување објавено денеска.

Една четвртина од сите приватни средства донирани на политичките партии во ЕУ беа наменети за екстремно десничарски, екстремно левичарски и популистички партии.

Порталот за истражувачко новинарство „Follow the money“ (FTM), во соработка со британски Гардијан и 26 други европски медиумски партнери, анализираа како од 2019 до 2022 година биле финансирани повеќе од 200 политички партии во 25 земји на ЕУ.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека политичките партии во ЕУ во тој период примиле донации од 941 милиона евра, но дека јавноста не знае кој дал 71 отсто од тие пари или 664 милиони евра.

Меѓу европските земји има големи разлики во законите и практиките кога станува збор за транспарентноста на политичките донации, а најмалку е во западните земји како Германија, Франција и Шпанија.

Од 2019 до 2022 година германските партии примиле донации во износ од 641 милиона евра од компании, приватни лица и политичари, од кои 495 милиони (78 отсто) се со непознато потекло. Десничарската Алтернатива за Германија (АфД) пријавила 6,4 милиони евра приватни донации во 2022 година, од кои е познато потеклото на само 1,3 милиона.

Во Франција донациите се одвиваат целосно зад затворени врати и јавноста нема право да знае кој ги финансира партиите, а како причина е наведена приватноста на донаторите, бидејќи донациите веројатно би ги откриле нивните политички ставови.

Сепак, строгите правила во Франција забрануваат странски и анонимни донации од над 150 евра, додека индивидуалните донации се ограничени на 7.500 евра. Сите уплати над 150 евра мора да имаат хартиена трага што може да биде истражена од надлежен орган.
 
Партиите во Шпанија, исто така, се обврзани да го пријават идентитетот на донаторите до надзорниот орган, Судот на ревизори, но судот не мора да ги објавува овие информации.

Во 16 земји-членки на ЕУ, на сите или на некои донатори им е дозволено да останат непознати за пошироката јавност и медиумите, но износот над кој партиите мора да го откријат идентитетот на донаторите варира од земја до земја, од 500 евра на Кипар до 25.000 евра во Шпанија.

Од друга страна, земјите од Централна и Источна Европа се многу потранспарентни кога е во прашање финансирањето на партиите. Само Хрватска, Бугарија, Чешка, Естонија, Грција, Летонија и Полска бараат изворите на сите приватни донации да бидат јавно достапни.

Естонија е веројатно најтранспарентната земја во ЕУ. Имињата на речиси 50.000 членови на 13 партии, нивната месечна членарина, како и секоја донација се објавуваат на секои три месеци и се достапни за секого. И Естонија забранува странски донатори, додека пет членки на ЕУ, Белгија, Данска, Шведска, Луксембург и Холандија немаат директна забрана за странски донации, а во Германија тие се ограничени на 1.000 евра.

Екстремните политички групи и од десната и од левата страна на политичкиот спектар добија поголем број износи на донации од 2019 година.

Податоците од истрагата откриваат дека најмалку 150 милиони евра приватни донации отишле за популистичките партии, додека повеќе од 97 милиони евра за екстремно десничарските партии.
Додека повеќето политички партии се уште се потпираат на јавно финансирање, во земји како Франција, Унгарија и Италија, на пример, приватните донации сега претставуваат повеќе од половина од приходот на партиите со поекстремни ставови, објави ФТМ, додавајќи дека пред европските Парламентарните избори следната недела, а анкетите предвидуваат и поголема поддршка за екстремистичките и популистичките партии низ ЕУ.

Трите екстремистички партии во Франција, вклучително и Националниот собор на Марин Ле Пен, забележаа драстично зголемување на финансиската поддршка – од 13 отсто од приходите од донатори, членарини и придонеси од нивните партиски кандидати и функционери во 2019 година на 38 отсто во 2022 година.

Во Летонија, каде што се очекуваат поголем број антиевропски и популистички европратеници по изборите во јуни, тие приходи се зголемија од девет отсто на 36 отсто за четири години.

Анализата покажува дека десничарските, левичарските и популистичките партии вкупно добиле повеќе од половина од донациите во Словенија, Италија, Полска, Унгарија, Португалија и Грција

Зачлени се на нашиот е-билтен