(Галерија) Замокот Пелеш под Карпатите ја раскажува историјата на една нација

Под високите врвови на Карпатите, каде мирисот на борова шума се меша со студениот планински воздух, стои Пелеш – замок, архитектонско чудо, живо сведоштво за создавањето на модерна Романија. До него води патот од Синаја, некогашен средновековен премин меѓу Трансилванија и Влашка, денес туристичка оаза, но и сцена каде историјата одекнува на секој чекор.

Токму тука, во 1866 година, тогаш младиот Карло I првпат зачекорил низ долината и се вљубил во пејзажот — место скриено меѓу шумите, со тивка река што го сече теренот како сребрена лента. Таа љубов подоцна ќе стане државен проект. Кралот, кој бил роден како баварски принц од династијата Хохенцолерн-Зигмаринген, одлучил дека токму тука ќе ја изгради својата летна резиденција. Не копија на западноевропските замоци, туку нешто што ќе ја отсликува амбицијата на новата Романија — европска, моќна, современа.

Купувањето на имотот во 1872 година било само почеток. Кралот одбил неколку планови сè додека не се појавил проектот на германскиот архитект Јоханес Шулц — елегантна алпска палата со италијанска префинетост и германска ренесансна строгост. Под водство на архитектот Карол Бенеш, Пелеш почнал да расте во 1873 година, камен по камен, како да се собираат мечтите на една нација.

Градбата која се градела 40 години била под влијание на различни народи и периоди. На терен работеле до четири илјади луѓе: Италијанци го подигале главниот скелет на палатата, Романци ги обликувале терасите, Албанци и Грци го клесале каменот, Германци и Унгарци ги создавале дрвените конструкции, Турците печеле тули, Чесите го местеле мермерот, Французите ги сликале муралите, Англичаните мереле, а Романците велеле дека се „душата на работилницата“. На градилиштето се зборувале 14 јазици, но сите работеле со ист ритам и ист ентузијазам — за кралот, за државата, за еден нов почеток.

И покрај војната за романска независност, која накратко ја забавила работата, Пелеш веќе во 1883 година го дочекал својот прв кралски бал. Салите блескале во светлина, огледалата рефлектирале музика и смеење, а гостите зачудено гледале како оваа грандиозна палата никнала во срцето на Карпатите.

Со текот на годините, покрај замокот се издигнувале и други објекти — ловечка куќа, штали, економски простории, па дури и електрана. Пелеш бил првиот замок во Европа со сопствено електрично осветлување и централно греење, напојувани од хидроцентрала што ја користела силата на планинската река.

Внатрешноста е речиси неверојатна — 170 простории, секоја со свој свет, свој стил и своја приказна. Турска, француска, арапска, фирентинска соба; библиотеки со тајни врати; театарска сала; музички салон; простории за читање; огромна колекција уметнички дела од централна и источна Европа; пространи спални од кои во летните утра мирисот на борова смола влегувал низ прозорците. Во салите со витражи, изработени во Швајцарија, светлината игра како да танцува низ обоените стакла.

Арсеналната збирка е една од најимпресивните во Европа — околу 4.000 парчиња оружје од Истокот, од Западот и од кралските ловишта, поставени во простории кои сами по себе се уметност.

Во 1893 година тука е роден Карло II, што го направило Пелеш симболична колевка на романската династија. Но историјата знае да биде сурова — по абдикацијата на кралот Михаил во 1947 година, замокот бил одземен, претворен во музеј, потоа затворен во времето на Чаушеску и конечно — повторно вратен на кралското семејство по падот на комунизмот.

И денес, иако е приватен имот, последната желба на кралот Михаил се почитува: Пелеш да остане отворен за народот. Од година во година, низ неговите ходници минуваат меѓу 250 и 500 илјади посетители. Според водичите, во сезоната дневно го посетуваат околу 1.500 луѓе.

Големината и симболиката го прават Пелеш повеќе од замок. Тој е палата, музеј, приказна и национална меморија. Од петте кули додадени до 1914 година, централната со своите 66 метри доминира над долината како да ја чува од заборав. Пред главниот влез стои скулптурата на Карло I, погледнат кон своето животно дело. Околу него — паркови, фонтани, патеки што водат низ зеленило што го менува обликот со секое годишно време.

Да се прошета по Пелеш значи да се допре до историјата на Романија, да се види сон што се претворил во држава, да се почувствува како живее кралската елеганција во еден свет создаден за убавина, ред и хармонија.

Фотографиите од таму, богати витражи кои го рефлектираат светлото, масивните дрвени резби во барокен стил, галеријата со оружје, тајната врата во библиотеката, театарот и музичката соба, само го потврдуваат она дека Пелеш не е само најубавиот замок во Романија, туку еден од највеличенствените во Европа, место кое живее во секој оној кој го посетил.

Зачлени се на нашиот е-билтен