Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Галетановски е подготвен да ги подобри условите во ЗОО Скопје, на потег е Арсовска

Поранешниот директор на ЗОО Скопје, Ѓорѓи Галетановски е единствениот пријавен на конкурсот кој го распиша Град Скопје за оваа установа и беше затворен денеска во 16 часот. Рокот на одлучување е една недела, а засега не се знае дали градоначалничката Данела Арсовска ќе му даде шанса на Галетановски за оваа позиција или пак веќе има смислено како ќе го пополни ова директорско место.

-Мојата најголема грижа се животните и подобрувањето на нивните услови, како што покажав и претходниот пат кога раководев со Зоолошката градина. Исто така сакам да го вратиме статусот во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми – ЕАЗАЕ кој го изгубивме поради непочитувањето на обврски, вели Галетановски.

Тој додава дека кога заминал од позицијата, во времето кога Арсовска станала градоначалник, пополека и заминале сите спонзори- општествено одговорни компании кои давале безрезервна поддршка на Зоолошката градина.

Галетановски откако поднесе документи за функцијата, и јавно побара од Арсовска и Советот на Град Скопје да му се даде мандат, барем во рок од една година, за да ги подобри условите, тој доби огромна јавна поддршка од граѓаните.

Тие велат дека на Зоолошката градина и е потребно професионално менаџирање, според пошироката јавност, нема место за експерименти, туку треба да се постави човек во кого народот веќе стекнал доверба, и кој во минатото покажал дека може да се носи со предизвиците на директорската позиција.

Неговиот чекор на социјалните мрежи беше поздравен од голем број на јавни личности, љубители на животни, пејачи, водители, спортисти како Марко Маринковиќ-Слаткар, Тамара Тодевска, Лила Филиповска, Перо Антиќ кои отворено и порачаа на Арсовска дека политиката и партиите треба да се тргнат на страна, бидејќи станува збор за благосостојбата на животните.

Галетановски ја водеше скопската Зоолошка градина во периодот кога градоначалник на Град Скопје беше Петре Шилегов. Тој успеа да ја воздигне Зоолошката градина, таа стана атрактивна за најмладите и го постигна рекордот во посетеност, а под негово раководство оваа установа доби статус на кандидат за член на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) – статус кој го загуби по неговото заминување.

Обидите на градоначалничката Арсовска понатаму да постави соодветен човек на оваа позиција не се покажаа како најуспешни.

Угинаа голем број животни, а за многу од нив се криеше од јавноста. За бројот на угинати животни и причината за нивната смрт, ЗОО Скопје одбиваше да ни даде одговори.

По Галетановски, на негово место дојде Кристијан Стаменов, а тогаш изби скандалот што го објави Мета.мк – дека во дворот на Зоолошката градина се колат десетици коњи, добиени од Агенцијата за управување со одземен имот, и им се даваат како храна за животните. По ова, разрешен беше тогашниот директор Стаменов и поставен нов – Драган Илиевски. Дека неговото поставување е незаконско се изјасни Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи, според антикорупционерите, Арсовска именувала лице кое не било вработено во оваа јавна установа што е спротивно на чл. 31 од Законот за култура, кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци. Потоа, за само една година, на ова место беше поставен нов, трет директор, Зоран Попов, кој исто така не беше од редот на вработените, а веќе има три мандати како в.д. директор.

Во меѓувреме, стигна и веста дека земјава го загубила кандидатскиот статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Како што веќе беше објавено, причините за губање кандидатски статус било прекин на комуникацијата со ЕАЗА во изминатиот период, двегодишна стагнација на Зоолошката, неизградениот аквариум и честото менување директори.

Арсовска и Совет на Град Скопје ќе ја препуштат зоолошката во рацете на поранешниот директор, кој остана запамтен како еден од најпродуктивните во институцијата, ќе се дознае по завршувањето на предвидениот рок по затворањето на конкурсот, односно за околу една недела.

Во меѓувреме, се уште се актуелни пораките на социјалните мрежи, да се прекине со партизираност, посебно кога е Градината во прашање, бидејќи станува збор за благосостојбата на живи суштества кои не по свој избор се нашле таму, и заслужуваат достоинствено секојдневие и максимална грижа од институцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен