Месна заедница Галичник го најави почетокот на подготовките за Галичката свадба 2026 и објави конкурс за избор на зет и невеста. Настанот и годинава треба да се одржи на петровденскиот викенд, кога Галичник традиционално „оживува“ со свадбарски поворки, песна, ора, бајрак и свечено руво, како дел од обичаите што се пренесуваат низ генерации.
Заинтересираните парови што сакаат венчавка во Галичник на Петровден можат да се пријават најдоцна до 19 февруари 2026 година. Пријавата се праќа по е-пошта на mzgalicnik@gmail.com, со наслов „За избор на зет и невеста – Галичка свадба 2026“, а во пораката треба накратко да се опишат сопствената приказна и мотивацијата. Одлуката за изборот, според најавата, ќе биде соопштена во март 2026 година.
Во критериумите што ги наведува месната заедница, предност ќе имаат парови што имаат потекло од Галичник (или двајцата, или еден од партнерите), оние што веќе учествувале на Галичката свадба во друга улога, парови што се активни во рамки на заедницата, како и оние за кои ова би бил прв црковен брак. Повикот е отворен за сите што ја чувствуваат традицијата со почит и искреност и сакаат да станат дел од една од најзначајните културни манифестации во земјава.