Претседателот на Собранието. Африм Гаши, за инцидентот што се случи за време на кошаркарскиот натпревар во Куманово на својот фб профил напиша дека ‘Кога спортот, кој треба да биде мост на обединување, се претвора во сцена на омраза и поделби, сите треба да застанеме на момент и длабоко да размислиме за тоа што се случува со нашето општество’.
„Со длабоко чувство на одговорност и голема загриженост, како Претседател на Собранието, внимателно го следев јавниот одѕив и реакциите на надлежните институции кои веќе преземаат активности за да го адресираат инцидентот што се случи за време на кошаркарскиот натпревар во Куманово.
Свесен за чувствителноста на моментот и за важноста секој збор да биде внимателен и обединувачки, денес сакам да им се обратам на сите граѓани на Република Северна Македонија, без разлика на етничка, јазична или политичка припадност:
Навредливите извици и говорот на омраза што се слушнаа таа вечер не го претставуваат духот на спортот, ниту духот на нашите граѓани, а пред сè не ги претставуваат вредностите врз кои е изграденa нашата држава.
Општество што тежнее да биде дел од европското семејство мора да се гради врз основа на почит, достоинство и еднаквост за сите граѓани.
Остро ја осудувам секоја форма на говор на омраза, особено онаа што има цел да раздели луѓе поради нивната етничка или национална припадност. Република Северна Македонија е мултиетничко општество и Албанците се државотворен народ.
Ги повикувам сите институции, сите политички партии, сите граѓани, да застанеме заедно против омразата.
Да се издигнеме заедно за поправедна, почесна и пообединета иднина. Тоа треба да биде нашиот пат. Тоа е наша должност“, напиша Гаши на фб профилот.