Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Гаши: Препораките во Извештајот на ЕК ќе ги имплементираме преку реформската агенда

Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата за 2024 година е објективен, рече претседателот на Собранието Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите, откако вчера шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, севечено го предаде, во присуство на координаторите на сите пратенички групи.

-Вкупната оценка во Извештајот за  напредокот на државата, во делот за работата на Собранието е позитивна. Нотирано е дека имаме мал напредок. Ние ќе обидеме дадените препораки од страна на Европската Комисија, преку реформската агенда да ги имплементираме.  Тоа треба да го направме не само поради тоа да имаме позитивен извештај, туку тоа да го направиме за нас за да имаме пофункционално и потранспарентно Собрание. Така ќе имаме и задоволни и пратеници и граѓани, рече Гаши.

За употребата на одредени процедури при носењето на законите, Гаши рече, дека е добро што во Извештајот се нотира дека Собранието не го злоупотребува повеќе европското знаме но, дека ни се повторуваат скратените постапки.  За жал ние како Собрание, мораме да ги ставаме законите во процедура како што пристигнуваат до законодавниот дом. Предлагачот ја предлага процедурата и речиси  80% од законите се во скратена постапка, тие претежно се технички усогласувања, рече Гаши.

На средбата со евроамбасадорот Рокас било отворено и прашањето за изнаоѓање на модел за формирање на акциски план, за да можат полесно да се иплементираат препораките од Извештајот.  

Во Извештајот на ЕК во делот за Собранието е наведено дека ги извршува своите овластувања на претежно задоволителен начин. Сепак, политичката поларизација во парламентот продолжи одложувајќи го усвојувањето на важни реформи, нотира Европската комисија (ЕК) во најновиот Извештај за напредокот на земјава во 2024 година на патот кон Европската Унија во делот на работата на Законодавниот дом. ЕК и оваа година му забележува на Собранието за носењето закони по скратена постапка и злоупотребата на „ЕУ знамето“, нагласувајќи дека тие мора да бидат ограничени.

Во ноември 2023 година, беа усвоени нови правила на процедури засновани на висок степен на консензус, со што се заокружија обврските од дијалогот ‘Жан Моне’. Новиот парламент, конституиран во мај, успеа да најде широк консензус за спроведувањето на новиот Деловник, за потребата од конструктивна и инклузивна политичка дебата и треба да ја забрза својата работа за продолжување на реформите неопходни за интеграција во ЕУ. Парламентот треба внимателно да ја планира и усвои својата агенда и да ја ограничи употребата на брзи законодавни процедури или несоодветна употреба на процедурата ‘ЕУ знаме’, што беше практика досега, пишува во Извештајот.

ЕК забележува дека политичката поларизација на парламентот е присутна и понатаму и нагласува дека меѓупартиската соработка е од суштинско значење за да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, што е во интерес на граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен