Една остра нота од кинеската амбасада и една брза средба во Собранието беа доволни да се види колку тенко е јажето по кое Македонија се движи меѓу Пекинг и Тајпеј. Додека Антонијо Милошоски гордо позираше со тајванска делегација во парламентот, претседателот на Собранието Африм Гаши ден по реакцијата на Кина седна со амбасадорката Џианг Сјаојен и ја уверуваше дека Скопје ја поддржува политиката „Една Кина“ и дека билатералните односи се „одлични“.
Кинеската амбасада претходно испрати ретко остро отворено писмо, директно адресирано до Милошоски. Средбата со претставниците на „Претставништвото на Тајпеј во Италија“ беше квалификувана како „тежок погрешен чин“ што го крши принципот „Една Кина“ и ја поткопува политичката основа на односите меѓу Пекинг и Скопје. Во нотата амбасадата го потсетува дека прашањето за Тајван е „црвена линија“ и му поставува серија прашања – дали е проценета цената на „повредувањето на интересите на голема сила“ и дали „напуштањето на огромен пазар“ вреди за краткорочен политички поен.
Веднаш потоа следуваше контракадра: Гаши ја прима кинеската амбасадорка, ја уверува дека Македонија останува на линија на „Една Кина“, говори за „одлични билатерални односи“ и прифаќа покана за посета на Кина како дел од парламентарната дипломатија. Според собраниската прес-служба, тоа е нивна прва официјална средба – но тајмингот, само ден по демаршот до Милошоски, ја претвора во класичен обид за контрола на штетата и јасен сигнал кој став важи како официјален.
Истовремено, епизодата со фотографијата која Собранието прво ја објави, а потоа ја избриша од својот сајт, покажува дека кризата не е само дипломатска, туку и комуникациска. Вчера парламентот се пофали со средбата со тајванската делегација, денес таа објава ја нема – остануваат само реакцијата на Кина и обидот преку Гаши да се „пегла“ впечатокот дека официјалната Македонија излегла надвор од договорениот рамковен став.
Во позадина стои многу подолга приказна. Македонија веќе еднаш ја плати цената на „тајванската авантура“ – во 1999 година, кога владата го призна Тајван, Кина ги прекина дипломатските односи, а со ветото во Советот за безбедност пропадна мисијата УНПРЕДЕП. Нереализираните „тајвански милијарди“ останаа како предупредување колку скапо може да чини импровизирана геополитика на мала држава.
Паралелно, дел од бизнис-заедницата веќе неколку месеци гради друга наратива: „Тајван се враќа во Македонија“. На форум организиран од Бизнис-конфедерацијата се зборува за соработка во дигиталната индустрија, „паметни градови“ и технолошки партнерства, со порака дека локалниот ИТ-сектор е природен партнер на тајванската технологија.
Ако на тоа се додадат и учествата на македонски пратеници на самитот на Интерпарламентарната алијанса за Кина (IPAC) во Тајпеј, картичката станува уште посложена: економска жед за нови партнери, политичка желба за видливост и дипломатска реалност во која Пекинг јасно кажува каде е линијата што не смее да се премине.
Во таа слика, односот Милошоски – Гаши изгледа како мини-огледало на поголемата конфузија. Потпретседателот на Собранието и поранешен министер за надворешни работи го користи старото досие „Кина–Тајван“ за да испрати порака дома – за „суверена политика“ и „слобода на контакти“. Претседателот на Собранието, пак, мора да ја убедува Кина дека сè е во ред, дека Македонија и натаму ја признава само Народна Република Кина и дека парламентот ќе остане во рамката на официјалната надворешна политика. Прашањето што се наметнува е – кој всушност ја води таа политика и колку таа е усогласена внатре во владејачката коалиција.
Кинеската амбасада во своето писмо многу транспарентно го поврзува прашањето за Тајван со „меѓународниот имиџ“ на Македонија, идните можности за развој и пристапот до кинескиот пазар. Од нивна перспектива, нема „паралелни канали“ – секоја средба во Собранието со тајвански претставници се чита како политички сигнал, а не како протоколарна куртоазија. Оттука и реториката за „повредени чувства на 1,4 милијарди луѓе“ и предупредувањето дека прашањето за Тајван е јадрото на фундаменталните интереси на Кина.
Кога во исто време во јавноста циркулираат слики од Милошоски со тајванското „Претставништво во Италија“ и фотографии од Гаши со кинеската амбасадорка, изгледа како државата да игра на две табли – една за домашна политика и медиумски ефект, друга за смирување на голема сила. За малите држави кои чекаат одлуки во Брисел, во Пекинг и во Вашингтон, ваквите двојни сигнали не се без цена. Тие се читаат, се архивираат и се враќаат како „контекст“ кога ќе дојде време за некоја преговорна маса.
Гаши, со својата брза средба и уверувања во „Една Кина“, се обидува да ја затвори оваа епизода како недоразбирање, да ја пренасочи приказната од Милошоски кон „одличните односи“ и поканите за посети. Но трагата останува – како потсетник дека Македонија сè уште нема стабилен, заеднички договор за тоа каде сака да стои на картата меѓу Тајван, Кина и сопствените амбиции за ЕУ.

