Генерал-мајор Грегори Најт во Скопје ќе добие Орден за воени заслуги

Командантот на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, денеска е во Скопје на почетокот на неколкудневната официјална посета на Македонија што ќе трае до 11 декември. Во истиот термин, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечена церемонија ќе му го врачи државното одликување „Орден за воени заслуги“.

Најт во Скопје беше пречекан со високи воени почести и најавена густa агенда. Според Армијата, тој ќе оствари средба со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и со министерот за одбрана, Владо Мисајловски, а во текот на денот и утрешниот ден се планирани и разговори во Владата со премиерот Христијан Мицкоски. Во протоколот е предвидена и средба со претседателката Сиљановска-Давкова во својство на врховен командант на вооружените сили.

Од Кабинетот на претседателката објаснуваат дека Орденот за воени заслуги му се доделува на Најт за „особен придонес во продлабочувањето на македонско-американското пријателство и воената соработка“, која во последните години се манифестира преку зајакнати активности за изградба на капацитетите и зголемување на борбената готовност на Армијата. Одликувањето фактички е признание за долгогодишното партнерство со Националната гарда на Вермонт, кое трае повеќе од две децении и беше едно од алатките преку кои македонските единици постепено се усогласуваа со НАТО-стандардите.

Посетата на Најт не е само протоколарен чин. Планот е американскиот генерал во Скопје да разговара за продлабочување на соработката во обуката, размената на искуства и поддршката за модернизација на одбранбените капацитети. Како дел од агендата, тој ќе ја посети и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, каде се планирани средби со раководството и разгледување на можностите за нови заеднички програми за образование и усовршување на офицерите.

Во позадина на оваа посета стои две и пол децениско партнерство во рамки на американската Програма за државно партнерство, во кое Националната гарда на Вермонт и македонската Армија реализираа стотици заеднички обуки, вежби и експертски мисии – од советување за реформи, до вежби на полигонот „Криволак“ и заедничко учество во мисии во странство. Токму преку овие формати, дел од македонските единици ги усвоија процедурите и тактиките што денес се стандард во НАТО.

Зачлени се на нашиот е-билтен