Во Белгија денеска се одржува еднодневен генерален штрајк, организиран од трите најголеми синдикати во земјата, како реакција на владините мерки поврзани со работничките права и реформите во пензискиот систем.

Зад штрајкот стои таканаречениот „обединет синдикален фронт“, составен од Конфедерацијата на христијански синдикати (ACV/CSC), Генералната федерација на трудот на Белгија (ABVV/FGTB) и Генералната конфедерација на либерални синдикати на Белгија (ACLVB/VGSLB). Синдикатите велат дека штрајкот е организиран од социо-економски причини, со клучни барања за „квалитетни и сигурни работни места и фер пензии“.
Незадоволството е насочено кон владините планови за покачување на старосната граница за пензионирање, продолжување на флексибилното работно време и намалување на надоместоците за ноќен труд.
Во рамки на штрајкот, во Брисел се одржува национален протестен марш против владините мерки, на кој организаторите очекуваат да присуствуваат и до 100.000 демонстранти. Маршот започна пред железничката станица „Север“, со обраќања на синдикални лидери и претставници на невладини организации, а потоа поворката се упати кон станицата „Југ“.
За да се овозможи полесен пристап до протестот, државните железници воведоа дополнителни 12 возови во насока кон и од Брисел, но редовниот железнички сообраќај е значително редуциран.
Штрајкот сериозно го наруши јавниот превоз низ целата земја — во сообраќај се помалку од половина од автобусите и трамваите, па од бриселското јавно сообраќајно претпријатие апелираа граѓаните да користат алтернативни начини на превоз.
Дополнителен удар претрпе и авиосообраќајот: сите полетувања од аеродромите Зевентем и Шарлероа се откажани, а аеродромот во Лиеж денеска е целосно затворен за сообраќај.