Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) денеска со големо мнозинство ја усвои необврзувачката резолуција за Блискиот Исток со која се бара хуманитарен прекин на огнот, заштита на цивилите, како и итно и безусловно ослободување на сите заложници и хуманитарен пристап.
Резолуцијата ја поддржаа 153 земји членки, 10 гласаа „против“, а 23 беа „воздржани“. Меѓу земјите кои ја поддржаа резолуцијата за итен прекин на огнот е и Северна Македонија.
Гласањето на Генералното собрание на ОН следува откако САД на 8 декември ставија вето на слична резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се повикува на итен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Резолуциите на Генералното собрание на ОН не се обврзувачки, но имаат политичка тежина, притоа одразувајќи го глобалниот поглед на војната меѓу Израел и Хамас.
Пред гласањето во ОН, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Израел ја губи меѓународната поддршка поради неселективно бомбардирање во Појасот Газа.
Специјалниот состанок на Генералното собрание го свикаа претставниците на Египет и Мавританија „како претседавач со Арапската група и претседавач со Организацијата за исламска соработка“.