Георгиева: Американските напади врз Иран би можеле да му наштетат на глобалниот економски раст

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, денеска изјави дека, по американските напади врз Иран, ММФ внимателно ги следи цените на енергенсите и предупреди дека порастот на цените на нафтата може да има лош ефект врз целата светска економија.

Таа истакна дека тоа може да доведе до секундарни и терцијарни влијанија,  јави Блумберг.

„Да речеме дека има повеќе турбуленции што можат да ги намалат изгледите за раст во економиите на големите земји и да бидат причина за намалување на прогнозите и за глобалниот раст“, ​​изјави таа.

Иранскиот парламент гласаше за време на викендот за затворање на Ормутскиот теснец како одмазда за американските напади врз нуклеарните постројки.

Една петтина од светската потрошувачка на нафта „тече“ низ каналот, што го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив, Арапското Море и, понатаму, со Индискиот Океан.

Доколку тој теснец се затвори, тоа би можело да предизвика шок во снабдувањето со нафта што би ги зголемило цените на енергијата, би ја зголемило инфлацијата и би го поткопало економскиот раст.  

Зачлени се на нашиот е-билтен