Одговарајќи на изјавите на Христијан Мицкоски во разговорот за поткастот на Сител, претседателот на ВМРО-Народна, Љупчо Георгиевски го нарече сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ „идеолошки наследник на Четничкиот вардарски корпус“ (формација составена во 1943 годинаод вооружени сили на Дража Михајловиќ – н.з.).
Георгиевски во поширока објава на Фејсбук се осврнува на изјавата на Мицкоски дека „Љупчо Георгиевски како потпросечен студент во девеесетите добил шанса“, цитирајќи го Ниче: „Големината на Наполеон никогаш нема да ја разберете од мемоарите на неговата собарка“.
Во објавата Георгиевски пишува:
„Прво за шансата, кога дојдов во Скопје на 19 години не познавав никого. Никој не ми отвараше врати, никој не ме препорачуваше некаде, никој не ме запознаваше со некој.
Сам ги создавав моите шанси а создавав шанси и за други само со Божја помош, за разлика од некои кои одамна добија епитет ‘татин син’. А потпросечен никогаш не сум бил, ни во средно, ни на факултет, ни во сѐ што сум направил. Со 25 години имав напишано три книги, член на ИК на МААК, организирав и го создадов ВМРО со Б. Змејковски, победив на првите избори и станав потпреседател на Македонија. За разлика од денешниот војвода кој прв пат се појавува во ВМРО – Карпош 2016 година заедно со татко му“.
Потоа зборува за тврдењето дека бил „просечен бизнисмен“:
„Ако се извадат податоците од кредитното биро јасно ќе се види дека фирмите на новиот лидер имаат драстично поголем и обрт и профит од моите, а заедно со оние на баџанакот одамна го имаат надминато статусот среден бизнисмен“.
Па се осврнува на изјавата на Мицкоски: „Тој човек вели дека Гоце Делчев е Бугарин. И да е така, тоа не се зборува јавно. Тоа не смее да го кажува“.
Георгиевски одговара:
„Никогаш и никаде немам напишано или кажано дека Гоце е Бугарин, сум изнесувал факти кои се кријат во македонската историја и фалсификуваат, а како што гледам интелигентните луѓе како Мицкоски сами си го носат заклучокот. Еве што имам кажано на таа тема. Дека целото школување на Гоце е низ бугарските егзархиски школи, дури унијатското било бугарско школо. Дека сакал да стане бугарски официр и тоа го завршил во Софија. И има фотографија со бугарска бела униформа иста таква како што гледавме на партизанските филмови. Дека станал бугарски егзархиски учител каде земал плата од бугарската егзархија и предавал на бугарски литературен јазик. Дека сите документи и приватни писма, а ги има неколку стотини се напишани на бугарски литературен јазик. Дека заедно со Ѓорче Петров го напишале првиот статут на организацијата и ја крстиле БМОРК во која напишале дека е создадена да се бори за правата на Бугарите во Македонија и Тракија, потврдено од професорите Иван Катарџиев и од Ванчо Георгиев. Дека како член на задграничниот комитет по автоматизам бил член на Врховниот. Дека го формирал четничкиот институт заедно со потпис на Централниот комитет на Врховниот комитет и на Македонските воени братства со што тој дозволил во секоја вмровска чета да има по еден бугарски офицер.
На лидерот Мицковски не му пречи кога пред неговите градоначалници српски функционери нѐ нарекуваат Јужна Србија и стара Србија, а му пречат фактите“, завршува Георгиевски.