Кандидатот за градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, во интервјуто за медиумот „Пари“ вели дека по резултатите од првиот круг и поддршката што ја добива од терен во изминатите денови, смета дека во недела, заедно со граѓаните на Центар, ќе се потврди големата победа.
„Нашите очекувања и анализите кои ги имаме се дека поддршката расте, а во вториот круг ќе ја зголемиме разликата. Сметам дека водевме фер, чесна и многу конструктивна изборна кампања, која беше длабоко втемелена во програмата за следните четири години. Мојата програма не беше изборен памфлет како на мојот противкандидат, туку сериозен стратешки и политички документ составен врз база на остварливи ветувања и проекти за секој дел од Центар и за секоја категорија граѓани. Ова е суштинската разлика меѓу мене и другата опција“, истакнува Герасимовски.
Тој потенцира дека не се служел со ниски напади, лаги и манипулации како што тоа го правеа противкадидатите, туку се фокусирал на реални ветувања и конкретни проекти кои граѓаните на Центар ги препознаа.
„Центар и центарци не потпаѓаат на стари потрошени трикови и негативна кампања, знаат да препознаат искрен пристап и посветена работа, и затоа очекувам во недела да ми ја дадат поддршката“, вели Герасимовски.
 
				 
				 
															