ГЕРБ со највисок рејтинг, ПП-ДБ и Возраждане во тесна трка за второто место, детектирани се 6-те партии што ќе влезат во бугарскиот парламент, откриваат мерењата на агенцијата Меркет линкс на еден месец пред изборите во Бугарија, нарачани од bTV, што ги објави Радио Слободна Европа на бугарски.
ГЕРБ e со водство од околу 9%, покажуваат резултатите од истражувањето. На второ и трето место со блиски резултати се „Продолжување на промените-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) и „Вазраждане“.
Двете крила на ДПС – коалицијата околу Ахмед Доган „Сојуз за права и слободи“ и формацијата околу Дељан Пеевски „ДПС – Нов почеток“, според ова мерење, влегуваат во следниот состав на парламентот.
И БСП е над прагот од 4 отсто за влез во парламентот, а „Има таков народ“ (ИТН) е малку под него, покажува истражувањето. Од партиите во актуелниот парламент, партијата „Величие“, којашто се подели, според ова истражување на јавното мислење нема да го помине прагот.
Анкетата е спроведена меѓу 1.011 полнолетни граѓани во Бугарија во периодот од 25 септември до 1 октомври.