Во рамки на проектот „Ново партнерство – Нова борба против корупцијата!”, поддржан од Амбасадата на Канада, беа реализирани три герила акции во Скопје, Струмица и Гостивар, како креативен и неконвенционален начин младите јавно да го искажат својот став против корупцијата.
Герила акциите се надоврзуваат на наодите од аналитичкиот извештај „Корупцијата низ перспектива на младите во Северна Македонија”, спроведен врз примерок од 304 млади лица на возраст од 16 до 26 години. Истражувањето покажува дека младите ја доживуваат корупцијата како системски и структурен проблем, најчесто поврзан со злоупотреба на моќ, политичка партизација и неправедни вработувања.
Клучните наоди укажуваат дека:
– 63.3% од младите сметаат дека корупцијата е еден од главните фактори за иселување
– 58.7% ја перципираат корупцијата како најзастапена во судството и обвинителството
– Речиси една третина (29.5%) немаат доверба во ниту една институција за борба против корупцијата
– Повеќе од 54% од младите се подготвени активно да се вклучат во антикорупциски активности
Герила акциите во трите градови беа осмислени и реализирани од самите млади, како симболичен, но јасен одговор на чувството на неправда, немоќ и недоверба што корупцијата го создава кај младата популација. Преку јавен простор, визуелни пораки и директна интеракција со граѓаните, младите испратија порака дека корупцијата не смее да се прифаќа како „нормална појава”.
Овие активности се дел од поширок проект кој вклучува истражување, обуки за млади антикорупциски агенти, младински форуми, јавни дебати и кампања на социјалните мрежи, со цел јакнење на младинското и граѓанското учество во борбата против корупцијата и организираниот криминал.