Германците сè помалку трошат, стравуваат од инфлација

Германците се сè повеќе вознемирени поради продолжената економска криза и општата неизвесност, поради што го отвораат паричникот сè поретко – најмалку од времето на светската финансиска криза, покажува најновото издание на барометарот за потрошувачко расположение.

Барометарот на нирнбершките институти за истражување на пазарот GfK и NIM укажува дека германските граѓани со месеци сè повеќе се ориентираат кон штедење и се воздржуваат од трошење, пренесува агенцијата dpa.

GfK и NIM за јануари прогнозираат дополнителен пад на индексот на потрошувачко расположение за 3,5 поени, на минус 26,5. Во исто време, индексот на штедење во декември пораснал на 18,7 поени, што е највисока вредност во повеќе од 15 години.

„Тоа не се позитивни сигнали за економијата во пресрет на Божиќ, а расположението на потрошувачите најавува и лош почеток на наредната година“, изјави експертот на NIM, Ролф Биркл.

GfK и NIM секој месец спроведуваат анкети меѓу граѓаните за пресметка на индексите што ја покажуваат подготвеноста за трошење, односно за штедење.

Еден од сегментите на редовното истражување е и проценката на испитаниците за нивните лични приходи во следните 12 месеци.

Во декември, индикаторот за овие очекувања паднал трет месец по ред и сега изнесува минус 6,9 поени. Аналитичарите овој тренд го поврзуваат со растечкиот страв од инфлација.

Зачлени се на нашиот е-билтен