Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер остро ја критикуваше надворешната политика на Соединетите Американски Држави под водство на претседателот Доналд Трамп, предупредувајќи дека таквиот пристап придонесува за разградување на меѓународниот поредок и го турка светот кон опасна нестабилност.
Во обраќање на симпозиум во Берлин, Штајнмајер оцени дека актуелната политика на Вашингтон се заканува светот да го претвори во „разбојничка јазбина“, во која најсилните земји земаат што сакаат, без почитување на меѓународното право, пренесе агенцијата Ројтерс.
Тој предупреди дека глобалната демократија е под напад „како никогаш досега“, алудирајќи, меѓу другото, и на неодамнешните потези на САД, вклучително и дејствувањата насочени кон Венецуела.
Штајнмајер руската анексија на Крим и, како што рече, „целосната инвазија врз Украина“ ги опиша како историска пресвртница во меѓународните односи.
„Сведочиме на слом на вредностите од страна на нашиот најважен партнер – Соединетите Американски Држави, земја која учествуваше во изградбата на постојниот светски поредок“, изјави германскиот претседател.
Тој повика да се спречи сценарио во кое цели региони или држави ќе се третираат како сопственост на неколку големи сили и нагласи дека е потребна поактивна улога на меѓународната заедница во заштитата на глобалниот поредок.
Според Штајнмајер, земји како Бразил и Индија треба да бидат охрабрени и убедени да се вклучат во заедничките напори за зачувување на меѓународните правила и демократските вредности.