Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Германија издвојува 576 милиони евра за набавка на муниција за Украина

 Германската влада ќе придонесе со 576 милиони евра за чешката иницијатива за заедничко купување муниција надвор од Европската унија (ЕУ) за да ја поддржи Украина и да го надокнади недостигот во производството на ЕУ.

Со таа сума „Германија ќе финансира набавка на 180.000 парчиња муниција“ и ќе обезбеди „речиси 40 отсто од вкупната сума“ што ја ветија европските земји учеснички во овој проект, соопшти денеска германското Министерство за одбрана.

Таа муниција треба да биде испорачана „од јуни“ на украинскиот фронт.

Чешка веќе неколку месеци се мобилизира за да ги убеди другите земји да финансираат фонд наменет за набавка на муниција што ЕУ не може да ја произведе во доволни количини.

Прага во февруари соопшти дека идентификувала 800.000 гранати достапни во неевропските земји кои би можеле брзо да бидат испратени во Украина со формирање група купувачи во земјите-членки на ЕУ.

Германија веќе на почетокот на март најави дека во оваа иницијатива ќе учествува со „трицифрена сума“, односно меѓу 100 и неколку стотици илјади евра.

Белгија, Велика Британија, Данска, Франција, Литванија, Холандија, Норвешка и Шведска се исто така меѓу земјите кои придонесуваат за оваа иницијатива.

Зачлени се на нашиот е-билтен