Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт изјави дека засилените гранични контроли ја ограничиле нелегалната миграција откако новата влада стапи на должност во мај.
– Од 8 мај досега спречивме 12.000 нелегални преминувања, рече Добринт за јавната телевизија АРД, додавајќи дека меѓу нив има околу 660 лица кои барале азил.
Германија на 8 мај ги засили претходните повремени проверки на своите надворешни граници по наредба на Добринт, кратко време по преземањето на власта од новата коалиција предводена од конзервативците.
Министерот, исто така, нареди барањата за азил да се одбиваат директно на границата – политика што останува правно контроверзна.
На прашање дали владата ќе постави горна граница за миграцијата, Добринт одби да наведе бројка. Тој нагласи дека Германија се соочува со ограничувања во поглед на интеграцијата по деценија на зголемен притисок и дека е потребна корекција на курсот за да се стави крај на „преоптовареноста“ на државата.