Германија строга со шенген правилата: протера македонски возач

Шенген правилата за возачи повторно се најдоа во фокусот откако македонски професионален возач бил контролиран на пристаништето Росток во Германија на 11 февруари 2026 година и кај него било утврдено пречекорување од три дена над дозволениот престој „90 во 180“, по што му била изречена парична казна од 150 евра и му било побарано да обезбеди потврдена авионска резервација за доброволно да ја напушти земјата, наведува „Макам транс“.

Според соопштението, возилото што било товарено требало да му се предаде на друг возач од истото превозно трговско друштво за да продолжи транспортната операција. При заминување, на возачот требало да му биде издаден документ во кој ќе стои кога повторно ќе му биде дозволен влез во Шенген-зоната.

„Макам транс“ предупредува дека македонските превозници се соочуваат со засилени контроли низ Шенген и бара од компаниите редовно да ги проверуваат деновите на престој на возачите. Во случај возачот да има над 90 дена или да има мал број преостанати денови за да ја заврши операцијата, од компаниите се бара да не го пуштаат на пат, бидејќи ризикот од санкции и прекин на испораките станува сѐ поголем.

Компанијата информира и дека за 11 февруари, во 14 часот, е најавен состанок на работна група во Европската комисија, на кој треба да се разгледаат конкретни решенија околу правилата за престој на професионалните возачи во рамките на режимот „90 во 180“ и можностите за регулирање на продолжениот престој.

Од регионот, како што се наведува во соопштението, постои и дополнително предупредување: ако ист возач биде фатен по втор пат со пречекорување на деновите, можно е да му се изрече забрана за влез во Шенген-зоната до пет години. Како практична препорака, „Макам транс“ наведува дека, според искуството од соседството, Росток и Салзбург се точки каде што најчесто се вршат контроли и превозниците треба да го имаат тоа предвид при планирањето на рутите.

Зачлени се на нашиот е-билтен