Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Германската министерка за внатрешни работи сака да префрла мигранти во земјите „на пат кон Европа“

Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, разговарала за можноста за префрлање на мигрантите во земјите што ги опиша како „на патот кон Европа“.

Овој предлог е инспириран од контроверзниот договор меѓу Италија и Албанија, кој ѝ овозможува на Италија да ги премести мигрантите во камповите во Албанија. Фезер изјави дека германската влада ја оценува практичноста на договорот меѓу Италија и Албанија.

Ненси Фезер

Контроверзниот договор што го потпиша албанската влада со Италија овозможува формирање на два центри на северот на Албанија каде што мигрантите ќе бараат азил, како и објект во истиот регион за сместување на оние кои чекаат одговор на нивните барања. Договорот беше критикуван од опозициските партии во двете земји, како и од групите за човекови права, што доведе до жалба до највисокиот албански суд.

„Договорот не му штети на територијалниот интегритет на Албанија“, се наведува во соопштението на судот.

Според официјалните проценки, овие два центри – со кои ќе управува Италија – би можеле да примат до 3.000 мигранти месечно. Нивната цена се проценува на повеќе од 650 милиони евра во текот на петгодишното времетраење на договорот.

Италија целосно би ги покривала трошоците за изградба на двата центри и потребната инфраструктура, како и трошоците поврзани со безбедноста и медицинската нега на барателите на азил, велат албанските власти.

Албанската десничарска опозиција го критикуваше премиерот Еди Рама за наводниот недостаток на транспарентност во врска со договорот, нарекувајќи го договорот „неодговорен и опасен чин за националната безбедност“.

Невладината организација Меѓународен комитет за спасување го осуди договорот како „дехуманизирачки“, додека Амнести интернешенел го нарече „незаконски и неприменлив“.Албанските власти соопштија дека договорот е во согласност со претходните договори потпишани со Италија, како и со меѓународните закони за барателите на азил и уставот на земјата.

Италијанскиот премиер Џорџија Мелони, која ја предводи екстремно десничарската партија „Браќа на Италија“, беше избрана на функцијата кон крајот на 2022 година, откако вети дека ќе ги спречи чамците со мигранти да пристигнуваат на италијанските брегови од Северна Африка. Меѓутоа, откако таа дојде на власт, бројот на пристигнати мигранти се зголеми – од околу 105.000 во 2022 година на речиси 158.000 во 2023 година, според официјалните податоци.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека договорот е гест на „солидарност“ со Италија, која ги отвори вратите за илјадници Албанци по падот на комунистичкиот режим во раните 1990-ти.

Зачлени се на нашиот е-билтен