Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Германската влада усвои мерки за штедење, се очекува одлуката на Парламентот

 Германската федерална влада постигна договор за дополнителни мерки за штедење, пишуваат германските медиуми и додаваат дека Предлог-законот за финансирање на буџетот, меѓу другото, вклучува и контроверзно намалување на субвенциите за дизелот за земјоделците, повисоки даноци за воздушниот сообраќај и построги санкции во областа на социјална помош.

Владата очекува буџетот прво да биде одобрен во јануари во Бундестагот, а потоа на седницата на 2 февруари во Бундесратот, советот на германските покраини, а дотогаш е во сила таканареченото привремено управување со буџетот.

Овие мерки за штедење се неопходни затоа што, според претходната одлука на Сојузниот уставен суд, владата мора да го надокнади финансиски недостаток од околу 30 милијарди евра во основниот буџет, како и во Фондот за клима и трансформација, пишуваат медиумите.

Од мај ќе се зголемат даноците на авионските билети. Во зависност од крајната дестинација на патувањето, даноците би требало да се зголемат за речиси една петтина – на 15,53 до 70,83 евра по патник.

На сите патници кои заминуваат од германските аеродроми ќе им се наплаќа такса на билети. Доплатата ќе треба да ја платат авиокомпаниите, но тие тоа ќе можат да го префрлат на патниците. Врз основа на тоа, владата во Берлин годинава очекува дополнителен приход од околу 400 милиони евра.

Владата исто така остана и на одлуката за многу контроверзното намалување на субвенциите во земјоделскиот сектор – тоа и покрај протестите на земјоделците. Станува збор за постепено укинување на даночните олеснувања за дизелот.

„Тоа е посебен придонес во намалувањето на субвенциите кои и наштетуваат на климата“, се наведува во нацртот на владата. Досега земјоделците можеа да добијат делумен поврат на данокот на енергија за дизел, со надокнада од 21,48 центи за литар.

Кабинетот даде зелено светло и за планираното намалување на социјалната помош за невработените, т.н. „Бургергелд“, а заводите за вработување во иднина ќе можат целосно, но најмногу за два месеца, да им ги укинат поволностите на оние невработени кои упорно одбиваат да започнат со работа.

Покрај тоа, се укинува и т.н бонус за социјална помош од 75 евра месечно, кој е воведен за доквалификација на невработените, но на тој кој нема за цел стекнување стручна диплома. 

Зачлени се на нашиот е-билтен