Германски научници пронајдоа антитело против ХИВ

Германски научници во Келн открија ново антитело против ХИВ, кое во лабораториски услови покажало силна способност да спречи инфекција и да го неутрализира вирусот. Како што пренесува „Дојче веле“, многумина се прашуваат дали ова откритие носи нова надеж во борбата против СИДА.

Од 1981 година, кога болеста беше идентификувана, СИДА однесе околу 44 милиони животи ширум светот, претставувајќи една од најтешките епидемии во модерната историја. И покрај напредокот во превенцијата, годишно и понатаму умираат луѓе – во 2024 година, околу 630.000 лица починале од последици на ова заболување.

Тестирани повеќе од 800 антитела

Истражувачкиот тим предводен од Флориан Клајн, директор на Институтот за вирусологија во Келн, анализирал крвни примероци од 32 лица инфицирани со ХИВ кои самостојно развиле силен имунолошки одговор без терапија.

Во лабораторија биле тестирани над 800 различни антитела, а едно од нив – означено како 04_A06 – се издвојува по својата исклучителна ефикасност. Тоа го блокира делот од вирусот кој му овозможува да се врзе за човечките клетки, со што го спречува влезот на вирусот и понатамошното размножување.

Научниците го дешифрирале генетскиот код на антителото и успеале да го репродуцираат. „Тоа значи дека повеќе не мора да се зема крв од пациенти – генетскиот план може да се вгради во друга клетка и таа да почне да го произведува антителото“, објаснува Клајн.

04_A06 – за терапија и превенција

Во експерименти на глувци со човечки компоненти на имун системот, антителото неутрализирало повеќето варијанти на ХИВ. Тестирани се околу 340 разновидни соеви, вклучително и отпорни на други антитела. Новото антитело успешно неутрализирало 98% од нив.

Тоа може да помогне и кај веќе инфицирани лица – така што го блокира вирусот да навлезе во клетката, но и му овозможува на имунолошкиот систем полесно да ги препознае и уништи вирусните честички. Може да се користи и превентивно.

Идејата е дека со антитело кое се прима еднаш на шест месеци, би можело да се избегне секојдневното земање таблети.

Сѐ уште нема вакцина против ХИВ

Иако постојат истражувања за mRNA вакцина против ХИВ, сè уште нема одобрено вакцини. Денес се користат таблети и инјекции за превенција, но најчесто се потребни редовни дози.

Антителото како 04_A06 би било вид на пасивна имунизација – телото добива готови антитела, наместо само да ги произведува.

Исклучително моќно, но патот до лек е долг

Александра Тркола од Универзитетот во Цирих вели дека 04_A06 е „исклучително силен претставник“ меѓу широкоделотворните антитела: „Она што вообичаено го постигнува комбинација од повеќе антитела, 04_A06 го постигнува сам.“

Но, експертите предупредуваат дека се потребни многу клинички студии за да се утврди дали антителото ќе биде безбедно и ефикасно кај луѓе. „Резултатите се ветувачки, но сѐ уште сме далеку од готов лек“, вели Клајн.

Иако откритието не претставува моментален лек, тоа сепак буди нова надеж во долготрајната борба против ХИВ/СИДА.

Зачлени се на нашиот е-билтен