Семејната компанија „Фенеберг Лебенсмител“ (Feneberg Lebensmittel), познат германски синџир супермаркети, се соочува со сериозни финансиски проблеми и официјално започна стечајна постапка, објави Феникс магазин.
Според официјалните информации, компанијата поднела барање до Општинскиот суд во Кемптен за т.н. „заштитна постапка“ (Schutzschirmverfahren) – посебен механизам во германското стечајно право кој им овозможува на фирмите што сè уште не се целосно неликвидни да се реорганизираат и да продолжат со работа.
Од компанијата соопштија дека целта е економска стабилизација и одржливо реструктурирање, без прекин на редовното работење.
„Целта е компанијата да се реорганизира на одржлив начин, со продолжување на деловните активности“, соопштија од „Фенеберг Лебенсмител“, која е дел од групацијата Edeka.
Сите продавници остануваат отворени – засега
Синџирот „Фенеберг“ управува со повеќе од 70 продажни објекти во јужна Германија и во австриската долина Клајнвалзертал, главно во регионите Алгај и Бодензее. Компанијата вработува околу 3.000 работници и остварува годишен промет од над 500 милиони евра.
Иако продавниците засега ќе продолжат со работа, неизвесноста околу иднината на работните места останува, особено во контекст на планираната реорганизација.
Стручни тимови вклучени во спасувањето на компанијата
Во рамки на заштитната постапка, семејството Фенеберг во управувањето го вклучило Штефан Лајболд, експерт кој и претходно работел на решавање на финансиски проблеми во една од фирмите на групацијата.
„Во изминатите години беа покренати бројни иницијативи, но не сите беа доследно спроведени до крај“, изјави Лајболд.
Во процесот на санација учествуваат и експерти од адвокатската канцеларија „Груб Бругер“ од Штутгарт, а целта е реструктурирањето да заврши во текот на 2026 година.
Заштитната постапка во германското законодавство има за цел да спречи целосен колапс на компаниите и да овозможи нивно закрепнување, но исходот во голема мера зависи од успешноста на спроведените мерки и пазарните услови.