Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ги критикуваше Соединетите Американски Држави дека повеќе не ги почитуваат правилата, оценувајќи дека тоа претставува дел од фундаментална промена во политиката на транс-атлантскиот партнер на Европа.
„Правилата повеќе не се почитуваат, парламентарната демократија е под притисок, слободата на изразување е доведена во прашање, а независноста на судството се потиснува“, изјави Мерц на конференција во Берлин.
Тој нагласи дека овие промени се случувале со години и нема да исчезнат веднаш по следните избори. – Ова го кажувам со најголемо жалење, рече германскиот канцелар.
„Гледајќи вести секој ден, во многу делови од светот повеќе не е „дадено“ дека државите се придржуваат кон правилата, законите, договорите и нивните меѓународни обврски“, додаде Мерц.
Тој предупреди и на зависноста на Германија од американски софтвер, повикувајќи Европа да се фокусира повеќе на дигиталниот суверенитет и сопствени дата-центри.
„Сакам ние во Европа, не само во Германија, туку во Европа како целина, да станеме понезависни“, заклучи канцеларот.