Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ги повика Европејците и Американците да го отфрлат „секој мировен план диктиран од Русија“, додавајќи дека Украина не треба да биде подложена на територијални отстапки „против нејзина волја“.
Во говорот за општата политика во Бундестагот, новиот германски канцелар оцени дека е клучно западните земји да не дозволат да бидат поделени околу конфликтот и повика на „одржување на најголемо можно единство меѓу европските и американските партнери“.
Мерц вети дека ќе ја опреми Германија со „најмоќната конвенционална армија во Европа“, делумно благодарение на стотиците милијарди евра инвестиции обезбедени од неговата влада.
„Зајакнувањето на Бундесверот е наш врвен приоритет“, им рече канцеларот на пратениците.
„Зајакнувањето на долго недоволно финансираната германска војска е она што го очекува најнаселената и најмоќната земја во Европа. Нашите пријатели и партнери го очекуваат тоа и од нас. Всушност, тие практично го бараат тоа“, додаде Мерц.
Тој оцени дека неговата земја повторно може да стане „економска сила на која светот ѝ се восхитува“ и вети дека ќе направи сè за да ја врати Германија на патот на раст, по две последователни години рецесија.
„Нашата економија е сè уште во голема мера конкурентна, но рамковните услови повеќе не се“, рече канцеларот, додавајќи дека е решен да ги намали даноците и бирократијата за бизнисите и да ги зголеми инвестициите во инфраструктурата.