Германскиот министер за финансии ја поддржа Франција во идејата за силен одговор на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој сака што поскоро да ја преземе контролата врз Гренланд.
Ларс Клингбеил, кој е и германски вицеканцелар, во понеделник им изјави на новинарите дека Европската Унија треба да подготви таканаречена трговска „базука“ за да биде подготвена да возврати на Вашингтон ако Трамп навистина воведе уште повисоки тарифи за одредени земји од ЕУ.
„Постои законски воспоставен европски инструмент за одговор на економска уцена со многу чувствителни мерки. И сега треба да размислиме за користење на тие мерки“, рече Клингбеил.
„Сè мора да биде подготвено веднаш“, истакна тој, додавајќи дека „подготвеноста да се најде решение е присутна. Ние ја подаваме раката, но не сме подготвени да бидеме уценувани“.
Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон во неделата објави дека Франција ќе побара од ЕУ да го активира Инструментот против принуда, познат како „трговска базука“.
Германија обично е воздржана кога станува збор за вакви далекусежни мерки, првенствено за да го заштити својот извоз. Сепак, ваквите изјави укажуваат на подготвеност да заземе поцврст став кон Вашингтон, барем кога станува збор за социјалдемократите.
„Постојано се соочуваме со нови провокации. Постојано сме сведоци на ново непријателство од претседателот Трамп. И ние Европејците мора јасно да ставиме до знаење дека границата е достигната“, рече Клингбеил.
Сите очи сега се насочени кон канцеларот Фридрих Мерц, кој подоцна ќе се обрати на медиумите и во минатото беше помек кон администрацијата на Трамп.