– На екстремно десничарската партија Татковина (Die Heimat) на шест години и е укината државна финансиска помош, а донациите за оваа партија повеќе нема да се одбиваат од даночната основа, одлучи денеска Уставниот суд во Карлсруе.
Во образложението на одлуката на Уставниот суд се наведува дека партијата Татковина „не само што не го почитува уставниот поредок на Германија, туку и активно се бори против овој поредок“.
Татковина е првата партија на која и е укината можноста за државно финансирање, а во исто време се укинати поволностите за донаторите на оваа партија.
Татковина е наследник на поранешната Национал-демократска партија на Германија (НПД), против која беше воден процес за забрана пред Уставниот суд, што беше отфрлен во 2017 година со образложение дека се работи за партија која постапува неуставно, но е премала за да може да го загрозат уставниот поредок.
По откажувањето на финансирањето на Татковина, во јавноста сега се разговара за можната примена на овој закон за екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), чии делови, поради докажани неуставни активности, се под надзор на домашната тајна служба, т.е. Управа за заштита на уставниот поредок.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер ја поздрави пресудата на Уставниот суд.
– Денешната пресуда испраќа јасна порака: Демократска држава не ги финансира непријателите на Уставот. Одлуката доаѓа во време кога десничарскиот екстремизам е најголемата екстремистичка закана за нашата демократија. Преземаме одлучни мерки против сите оние кои подготвуваат терен за насилство од десничарските екстремисти, истакна Фезер.