Околу две третини од германските компании кои работат во Кина велат дека доживуваат нелојална конкуренција, според истражувањето на Германската стопанска комора во странство (AHK) пред посетата на канцеларот Олаф Шолц на земјата.
Шолц треба да им соопшти на кинеските претставници на високо ниво дека германските компании во Кина се соочуваат со проблеми што стојат на патот за понатамошен успех, рече Максимилијан Бутек, шеф на германската стопанска комора во Источна Кина.
„Очекувањата се дека канцеларот Шолц ќе ги објасни предизвиците со кои се соочуваме овде“, рече тој.
Многу од околу 5.000 германски компании кои работат во Кина се жалат на она што го гледаат како нелојална конкуренција на пазарот, особено кога кинеските компании почнуваат технолошки да ги достигнуваат западните ривали.
Според истражувањето, компаниите се соочуваат со недостатоци како потежок пристап до пазарот и тешкотии во пристапот до владата, локалните власти и јавните тендери.
Поголемиот дел од 150-те компании-членки на AHK кои учествуваа во истражувањето потекнуваат од секторите на машинството, автомобилската индустрија и деловните услуги.
Кинеските приватни компании со 52% се главните конкуренти на Германците. Речиси сите испитаници (95%) сметаат дека засилената конкуренција има влијание врз нивниот бизнис и како главни последици го наведоа зголемениот притисок на трошоците, намалениот профит и помалиот удел на пазарот.
Шолц во сабота патува во Кина на три дена за да се сретне со шефот на кинеската држава и лидер на партијата Кси Џинпинг. Ова е второ патување на канцеларот во Народна Република откако ја презеде функцијата во декември 2021 година.