Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Германските обвинители покренаа обвинение за тероризам против 27 лица

Германските обвинители денеска соопштија дека покренале обвинение за тероризам против 27 лица, меѓу кои и самонаречен принц и поранешен пратеник од екстремната десница, во врска со наводниот заговор за соборување на германската влада, кој беше откриен во серијата апсења пред една година.

Обвинението против 10 осомничени беше поднесено на 11 декември во Државниот суд во Франкфурт. Според германскиот правен систем, судот сега мора да одлучи дали и кога случајот ќе оди на судење.

Деветмина од тие осомничени, сите германски државјани, се обвинети за припадност на терористичка организација основана во јули 2021 година, со цел, како што се наведува, „насилно да се укине постојниот државен поредок во Германија“, се вели во соопштението на федералниот обвинител.

Обвинителите рекоа дека обвинетите веруваат во идеологијата на Граѓаните на Рајхот. Поддржувачите на ова движење го отфрлаат повоениот германски Устав и повикуваат на соборување на владата. Деветмина осомничени се товарат за „подготовка на велепредавство“.

Меѓу нив е и германскиот принц Хајнрих XIII, кого групата наводно планирала да го постави за нов привремен лидер на Германија, како и судијката и поранешна пратеничка од екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија Биргит Малсак-Винкеман.

Обвинителите соопштија дека групата планирала да упадне во зградата на Парламентот во Берлин и да уапси пратеници. Тие велат дека принцот Хајнрих XIII се обидел да контактира со руски официјални лица во 2022 година за да добие руска поддршка за планот, но не е јасно каков бил одговорот на Москва. Русинка, идентификувана како Виталија Б., е обвинета за поддршка на терористичка организација, делумно поради тоа што наводно остварила контакт со рускиот конзулат во Лајпциг. Други 17 членови на групата беа обвинети во одделни обвиненија пред судовите во Штутгарт и Минхен, соопштија обвинителите. 

Зачлени се на нашиот е-билтен