Kандидатот за градоначалникот на СДСМ на Свети Николе, Дејан Гичев вели дека и до сега градоначалникот Дејан Владев и ВМРО-ДПМНЕ ветуваа дека Свети Николе ќе го направат европски град, но се виде дека за четири години не донесоа ништо освен разочарување, нови долгови, тотално распаѓање и смрдеа.
„Денес, Свети Николе е град каков што граѓаните не го заслужуваат, без план, без визија и без развој. Дејан Владев не направи ништо значајно за граѓаните, но затоа остави длабоки финансиски дупки и траги од неработа на секој агол од градот. Долгот на Општината е над 90 милиони денари. Општиниата должи на Светска банка 53 милиони денари. ЈП Комуналец има загуба од 7 милиони денари, дури и ЈП Погребално – за прв пат во историјата – е во загуба од 1,5 милиони денари“, вели Гичев.
Според него ветувањето на Владев и на ВМРО-ДПМНЕ за Свети Николе, наликуваат на скандинавска статистика, со африканско ниво на услуга.
„Ништо од она што пред 4 години го ветува ВМРО-ДПМНЕ и Владев не е реализирано. Пречистителната станица не работи. Мирисот на смет и отпад сè почесто се шири кон Овчеполието – сведоштво за неспособност и негрижа. Секоја крстосница во градот е со искршен асфалт. Улиците се раскопани, небезбедни изаборавени од Владев. Градскиот парк – место што треба да биде белодробен систем на Свети Николе – денес е симбол на запуштеност. Исушено зеленило, искршени реквизити, ниту едно ново дрво. Дури и во индустриската зона, каде требаше да се создава економски напредок, асфалтот е веќе уништен, нема одвод и се прават нови штети. Проекти без надзор, без основа, без план. Ниту ветените соблекувални кај Градскиот стадион не се реализирани“, вели Гичев..
Гичев посочи дека четиригодишното управување со Свети Николе од страна на ВМРО-ДПМНЕ е без ниеден крупен реализиран проект, туку тоа се четири години полни со лаги, раскопани улици и долгови.Четири години – градот тоне.
„Свети Николе заслужува повеќе. Заслужува вода што не мириса, улици што не кршат автомобили, општина без долгови и институции што не пропаѓаат. На локалните избори, граѓаните ќе го стават крајот на ова недомаќинско и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Владев. Ќе се избере пат на развој и реални проекти. Ќе се стави крај на „скандинавските“ манипулации со балканска неспособност. Време е за промени во Свети Николе. Време е за СДСМ да ја врати општината на вистинскиот пат“, вели кандидатот за градоначалник за Свети Николе од СДСМ, Гичев.