Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Гилер во Приштина: Дијалогот е единствениот начин за мир и стабилност во регионот

 Министерот за одбрана на Турција, Јашар Гилер, кој престојува во официјална посета на Косово, изјави дека дијалогот е единствениот начин за мир и стабилност во регионот, јави дописникот на МИА од Приштина.

На заедничката прес-конференција со неговиот косовски колега, Ејуп Маќедонци, Гилер рече дека односите на Турција со Косово како партнер на Балканот ќе продолжат на сите полиња.

– Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово и неговото зачленување во меѓународните кругови. Го истакнавме фактот дека почнувајќи од Косово, мирот, среќата и безбедноста на Балканот беа прашања од големо значење за нас. Велиме дека дијалогот е единствениот пат за мир и стабилност во овој регион и нагласивме дека задачата што ја добивме, со именувањето на командантот на КФОР (од Турција), ќе ја почитуваме со целосна неутралност, рече Гилер.

Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци рече дека Република Турција била и останува стратешки партнер на Република Косово.

Тој нагласи дека од турскиот министер побарал поддршка за членство на Косово во Партнерството за мир во НАТО, нагласувајќи дека „Косово докажа дека е силно определено во функција на мирот“.

– Многу сме благодарни за поддршката што ја добивме, како преку обука, така и преку подигање на воените капацитети. Дефинитивно ќе продолжиме да реализираме договори кои се од корист за двете страни, рече Маќедонци.

Турскиот министер за одбрана се сретна и со командантот на косовските безбедносни сили Башким Јашари, а попладнево ќе биде примен и од претседателката на Косово, Вјоса Османи. 

Најново