Гласаа за Мециновиќ, а Левица уште првата вечер одврати многу од гласачите на СДСМ

Кога добриот резултат ќе се претстави како триумф, тогаш и однесувањето во тој „триумф“ станува специфично. Чудно, па и политички хазардерско.
Пишува Љупчо ПОПОВСКИ за Независен.мк

Кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, е еден од победниците на овие локални избори, иако тој ја загуби трката. Тој изгуби со 34.000 гласови разлика од Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ), иако по првиот круг таа разлика беше 60.000. Ваквиот успех на Мециновиќ не ќе беше можен доколку значаен дел од опозициските настроени гласачи и од независните не го дадоа гласот за него.

Многу од членовите и поддржувачите на СДСМ вчера отидоа на избирачките места да гласаат без ќеф и да го заокружат бројот пред Амар единствено затоа што ни во сон не можеа да помислат да гласаат за Ѓорѓиевски. На одреден начин да му дадат ветер во грб на опозиициското расположение во главниот град, а не да се престројат кон Левица. Друг дел од овие гласачи, кои не сакаа да ја поднесат оваа „жртва“, останаа дома.

Како што многу од другиот политички спектар не излегоа затоа што во Орце Ѓорѓиевски не видоа човек кој е достоен да раководи со толку сложен град како Скопје. Па излезноста во вториот круг беше едвај 35 отсто, а Ѓорѓиевски има „легитимитет“ од само 20 отсто од вкупниот број избирачи во Скопје.

Тие гласачи кои во вториот круг излегоа да го одржат опозицискиот дух во Скопје лидерот на Левица, Димитар Апасиев, побрза да ги отуѓи од неговата партија, присвојувајќи си ги како поддржувачи и следбеници и тоа може да биде една од неговите клучни политички грешки. Во сличен тон зборуваше и Мециновиќ.

„Опозициските тенденции во земјата се престројуваат зад Левица“, изјави сношти Апасиев, иако освен во Скопје неговата партија немаше на ниту едно место „во земјата“ кандидат во вториот круг на локалните избори. Тој ги повика гласачите на СДСМ да се приклучат кон Левица за да извојувале победа на наредните парламентарни избори. Мециновиќ им се заблагодари на гласачите на СДСМ велејќи дека „браната е пукната и ние сме вашата опција“.

Можеби браната е пукната, но дали за гласачите на СДСМ Левица е нивната опција? Дали партијата која се гордее со нејзините врски со комунистичките партии во Русија и Кина, која разговара со рускиот амбасадор во земјава по агресијата во Украина, која е жестоко против НАТО, а неволно за ЕУ, може да биде опција за гласачите на СДСМ.

Тие гласачи крвареа за да ги одбранат тешките компромиси направени со Преспанскиот договор затоа што веруваа во таа иднина, а Апасиев и дружината носеа гилотина пред Собранието кога се расправаше за францускиот предлог. Ги нарекуваа предавници на родот свој, ги оцрнуваа и омаловажуваа за договорот за добрососедство со Бугарија, беа против сето она што СДСМ го правеше.

Голем дел од тие гласачи што излегоа во Скопје му останаа верни на СДСМ и покрај сите харанги за национални предавства. Оние од нив што гласаа во неделата тоа го правеа само со една мисија – победата на Орце Ѓорѓиевски да биде поскромна, а не да обезбедат можен триумф на Амар Мециновиќ.

Во политиката сакаш да земаш гласови од кој било базен и тука нема ништо спорно во намерите на актерите. Откако цела кампања Левица ја водеше против кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, сега по вториот круг се сврте да бара гласови во базенот на СДСМ. Не дека тоа не е легитимно, прашањето е колку од нив може да најде и дали Левица, вусшност не стигнала, до својот максимум. 

Барајќи ги гласовите од поддржувачите на СДСМ за да ги замени во политичката архитектура, Димитар Апасиев, направи еден тежок фаул, окарактеризирајќи ја постапката на оние што решиле да не излезат на изборите како „неинтелигентен избор“. Интелигентен или не, но неверојатно скромната излезност во вториот круг (рекордна за Скопје) драматично го осиромашува мандатот на Орце Ѓеорѓиевски. Тој и неговата партија мислеа дека ќе триумфираат во првиот круг (а освои само 39 отсто од гласовите), и ако го немаше тогаш триумфот, сигурно ќе дојдеше во вториот круг. Но и тогаш не се случи, иако победи. Тоа беше порака на оние што Апасиев вели дека направиле „неинтелигентен избор“. Всушност, тие направија интелигентен избор за да ги измешаат картите во ВМРО-ДПМНЕ. Амбициите на Орце Ѓорѓиевски за иднината ги сведоа во едни скромни, речиси никакви рамки. Со тој интелигентген избор тие ја одредија кадровската комбинаторика во владејачката партија. 

„Дури 66 проценти од нив не излегоа на гласање, тоа е многу неинтелигентно решение со ваков изборен модел“, рече Апасиев. Дали после ваквата навреда за нивната неинтелигенција тие што не излегоа на изборите ќе ја поддржуваат во иднина Левица е многу дискутабилно прашање.

Изгледа дека Левица, Апасиев, па и Мециновиќ (кој сакаше да ја избегне радикалната клопка на неговиот лидер во кампањата) како да не знаат да градат понтонски мостови кон можните идни гласачи. Ако нивната цел е соборување на ВМРО-ДПМНЕ од власта во некоја непозната иднина, опозициските партии треба да најдат начин да комуницираат меѓу нив, а не да си ги грабаат како плен гласачите кои останале како остров во црвеното вмровско море.

И некој збор за пасокизацијата што се наметна како политички термин на домашната сцена околу намалувањето на политичката улога на СДСМ, а Апасиев одново ја спомена во синоќешното обраќање. И Апасиев и другите од конзервативниот политички камп користат застарен термин од пред четири-пет години. Откако Сириза и некогашниот премиер Алексис Ципрас болно ги загубија и вторите избори во јуни 2023 настана атомизирање на оваа левичарска конгломерација, додека традиционалниот ПАСОК изгледа како да закрепнува. Од тогаш Сириза е поделена на четири помали партии, од кое најсилната фракција во последните анкети има поддршка меѓу шест и девет отсто. Другите се со минални бројки. ПАСОК сега е стигнат до 15-16. Затоа што левичарската идеја е оставена на маргините во Грција (и покрај лошото владеење на Нова демократија), поранешниот премиер и лидер на Сириза, Алексис Ципрас, изгледа дека се зафаќа со формирање нова партија.

Така што, политичката терминологија која македонската Левица сака да ја употребува спрема СДСМ изгледа дека треба да се измени – пасокизацијата во Грција се прошири на составните делови на Сириза, додека оригиналот изгледа дека некако застана на нозе.

Љупчо Поповски е новинар и политички аналитичар. Експерт за внатрешно и надворешно-политички теми.

Зачлени се на нашиот е-билтен