ГЛАСАЈТЕ СЕГА, Нашата Нела е пред победа на Евровизија

Со глас што плени и со талент што ветува блескава иднина, тринаесетгодишната скопјанка Нела Манчевска оваа година ќе ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг во Тбилиси. Нејзината песна „Miracle“ веќе буди емоции, а малата пејачка, чие име сè почесто се слуша низ Балканот, храбро зачекори на големата сцена – остварувајќи сон што го носи уште од најрана возраст.

Девојчето со глас како славеј

Нела не е обичен млад талент – таа е вистински феномен. Со само 13 години зад себе веќе има освоено повеќе од 20 први места на државни, регионални и меѓународни натпревари. Нејзиниот настап на хрватското шоу „Supertalent“, со моќната изведба на „I Have Nothing“ од Витни Хјустон, ја направи регионално препознатлива. Видеото од настапот се шири низ социјалните мрежи, а пофалбите за нејзината вокална техника и емоционален израз не престануваат.

Патот до „Miracle“

Песната со која ќе настапи во Тбилиси носи силна порака. Создадена од Лазар и Магдалена Цветкоски, „Miracle“ зборува за храброст, надеж и внатрешната светлина што секој човек ја носи во себе. Нела ја интерпретира со неверојатна зрелост за нејзината возраст и со енергија што ја подигнува целата публика.

„Мојот најголем сон беше да учествувам на Евросонг – и конечно ми се исполни,“ вели таа. „Сакам со музиката да допрам до луѓето, да им пренесам нешто што ќе го почувствуваат.“

Талент роден од љубов кон музиката

Музиката за Нела е начин на живот. Свири пијано, пее секојдневно и посетува часови четири пати неделно. Во меѓувреме е одлична ученичка во ООУ „Вера Циривири-Трена“, каде успева да ги усогласи сите обврски. Покрај тоа, обожава да црта и сама да ги дизајнира дел од уникатните фустани во кои настапува – инспирирани од магијата на Дизниевите принцези.

Нејзини идоли се Витни Хјустон, Тоше Проески, Андријана Јаневска и Тамара Тодевска – музичари со силни гласови и уште посилни пораки.

Гран при на интернационалниот фестивал посветен на песните на Тоше Проески, први награди во Штип, Кавадарци, Загреб и Белград, максимални 100 поени на државен натпревар – листата на успеси е долга и импресивна. Она што ја издвојува Нела е константноста: секој настап носи нови пофалби и нови врати кон големи сцени.

„Сакам да им кажам на младите никогаш да не се откажуваат од своите соништа. Ако го правиш тоа што го сакаш – успехот ќе дојде,“ вели таа со зрелост далеку поголема од нејзините години.

Блескава иднина пред себе

Нела Манчевска е едно од оние деца што веднаш знаеш дека ќе остават трага. Со нејзиниот силен глас, дисциплина, посветеност и огромна љубов кон музиката, таа е талент што ветува – и кој веќе го живее својот „Miracle“.

Ќе ја гледаме на финалната вечер на 13 декември во Тбилиси, каде ќе ја претстави Македонија со светлина, достоинство и големо срце, а во меѓувреме вечерва од 21 часот да гласаме за Нела на со кликнивање ТУКА

Зачлени се на нашиот е-билтен