„Бугарија ја поддржува европската интеграција на Република Северна Македонија, под услов да се почитуваат Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји од 2017 година, како и спроведувањето на клучните реформи, поврзани со човековите права, владеењето на правото и добрососедските односи“, му кажал во телефонски разговор, вршителот на должноста премиер на Бугарија, Димитар Главчев, на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Веста ја соопшти бугарската владина прес – служба, додавајќи дека со ова се потврдил ставот на Бугарија за пристапувањето на Македонија во Европската Унија, соопшти бугарската владина прес-служба.
Тлефонскиот разговор меѓу Главчев и Кошта доаѓа во пресрет на подготовката на редовниот состанок на Европскиот совет на 19 декември, со кој ќе претседава Кошта.
„Со неевропско однесување не може да се постигнат европски резултати“, нагласил Димитар Главчев во телефонскиот разговор.
Тој истакнал дека Бугарија ја поддржува европската интеграција на Република Северна Македонија, под услов да се почитуваат Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји од 2017 година, како и спроведувањето на клучните реформи, поврзани со човековите права, владеењето на правото и добрососедските односи.
Димитар Главчев бил категоричен дека бугарското општество е единствено во однос на оваа тема и дека ниту еден бугарски премиер, без разлика дали е технички или редовен, нема да поддржи став поинаков од тој што официјално го усвои Народното собрание. Премиерот Главчев изјавил и дека Бугарија останува посветена на европската перспектива на регионот, но дека разликите треба да се надминат преку конструктивен дијалог и меѓусебно почитување.
Ситуацијата во Украина, како што навеле од бугарската владина прес-служба, ќе биде во првите редови на дискусиите на лидерите во Брисел при што се посочува дека состанокот ќе биде можност тие да испратат обединета и недвосмислена порака за поддршка на Киев за сеопфатен, праведен и траен мир. Проширувањето на ЕУ, миграцијата, ситуацијата на Блискиот Исток и односите ЕУ-САД, исто така ќе бидат меѓу темите на средбата на шефовите на држави и влади во белгискиот главен град.