Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Фаворит за „Оскари“, театарска приказна со брехтовски шмек, роман на Ристески, нови стрипови и „Бејрут“

Сцена од филмот „Сè во исто време“

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме по едно дело од музиката, литертурата, театарот, телевизијата и филмот. Гледајте, слушајте, читајте…

Филм: „Сè во исто време“

Филмот „Сè во исто време“ (Everything Everywhere All at Once) на Дан Кван И Дениел Шнејнерт (Dan Kwan, Daniel Scheinert), со Мишел Јео, Џејми Ли Кертис, Стефани Хсу, Ке Хуј Кван, Џејмс Хонг (Michelle Yeoh, Jamie Lee Curtis, Stephanie Hsu, Ke Huy Quan, James Hong) во главните улоги, годинава освои најмногу номинации за престижната награда „Оскар“ – вкупно 11.

Сторијата на научно-фантастичната акциона комедија е фокусирана на возраснатата емигрантка од Кина, Евелин (Јео), која се затекнува во луда авантура: само таа може да го спаси светот преку истражување на други универзуми и други животи кои можела да ги живее. Чудната појава позната како мултиверзум подразбира дека постојат наши верзии кои ги владејат боречките вештини како кунг-фу, знаат да пејат оперски арии или вешто да готват, или, пак, кои имаат виршли наместо прсти на рацете.

Во овој драматуршки ролеркостер Евелин е обична домаќинка: во „земскиот“ живот, заедно со сопругот Вејмонд (Ке Хуј Кван) водат перална како семеен бизнис и постојано се во сериозни долгови. Таткото на Евелин, Гонг Гонг (Џејмс Хонг), ќе допатува од Кина, а нејзината ќерка, Џој (Стефани Хсу), се обидува да ја придобие Евелин, бидејќи таа тешко ја прифаќа нејзината девојка Беки (Тали Медел).

Пресвртната точка во животот на Евелин е моментот кога свестта и телото на Вејмонд ќе бидат преземени од Алфа Вејмонд, односно неговата верзијата од алфа-универзумот. Набргу Евелин, иако е најлошата од сите нејзини милиони верзии во мултиверзумот, спознава дека има неискористен потенцијал што може да биде пресуден во битката со големото Зло -Јобу Тупаки…

„Сè во исто време“ е на програмата на Кинотеката на 21 февруари (вторник), 20:00 ч. и 22 февруари (среда), 20:00 ч.

Театар: „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар-Скопје

Ако сакате да гледате детективска приказна со брехтовски шмек, тогаш претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска, поставена на сцената на Драмски театар-Скопје е вистинскиот избор.

Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ (The Curious Incident of the Dog in the Night-Time) од Сајмон Стивенс е адаптација на истоимениот роман на Марк Хадон од 2003 година, кој во изминативе две децении стекна голема популарност и доби 17 престижни награди, меѓу кои и „Whitebread Award“, спаѓа во редот на оние феномени што го прават театарот во светот „една сцена“ за сите и ја покажува актуелноста на темата и нејзината способност да ги „вмрежи“ мотивите за „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Или, на кратко, за аутистичните лица.

Отворено кореспондира со традицијата на детективските романи (Шерлок Холмс), но и „пипкањето“ по критичните општествени невралгични точки како што тоа го прават писателот на романот Хамон и неговите современици според сензибилитетот, како Ханиф Курејши (култниот роман „Буда од преградието“), Ник Хорнби („Стадионска грозница“, „ High Fidelity“, „Зас момчето“ и др.). Таа општествена сензитивност е повеќе од податна во сценското прикажување на сторијата во „брехтовски клуч“, покажувајќи ја од разни агли, па гледачот има можност да изведе објективна „пресуда“.

Со псевдодокументарниот стил во драматуршката структура, „Чудна случка со кучето во ноќта“  отвора можност за креирање „драма во драма“. Во фокусот на дејствието е 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифично нарушување од аутистичен спектар – синдром на Аспергер –  и никогаш претходно самиот не отишол подалеку од крајот на улицата во неговото гратче Свиндон. Кристофер има неверојатна дарба за математика и помнење, но не сака да биде допиран и не сака жолта боја: за илустрација, нешто слично како насловниот лик во холивудскиот филмски хит од крајот на осумдесеттите „Дождовниот човек“ (Rain Man) на Бери Левинсон, со Дастин Хофман (во насловната улога), Том Круз и Валерија Голино. И покрај тие дарби, Кристофер тешко се снаоѓа надвор од неговиот микросвет, во кој колку-толку се чувствува безбеден.

Актерот Дамјан Цветановски е вистинско откровение: тој го игра главниот лик Кристофер, но и супериорно си „игра“ со ликот на полнокрвен начин во оваа негова улога-студија. Останатите актери Трајанка Илиева-Таци, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујсиќ, Златко Митрески и Нела Павловска – некои настапуваат во по неколку ролји – несебично го надополнуваат мозаикот на креативни изведби.

Чудна случка со кучето во ноќта“ е на репертоарот на Драмски театар Скопје на 23 февруари (четврток) во 20 часот.

Книга: Романот „Пештера“ на Максим Ристески

Има нешто чудно во романот „Пештера“ на Максим Ристески, издание на „Или-Или“. Нешто што не ви дава мир, иако се чувствувате спокоен  по неговото прочитување, а уште повеќе по неговото препрочитување. Тој оксиморон на сетилата – неспокоен мир – таа сенка на contradictio in adjecto меѓу првата и последна корица на „Пештера“ најпластично е изразен во следниот цитат:

„Верата и вистинскиот разум се совршено компатибилни. Човекот штом ја загуби способноста да го созерцува Бога, се предава на воодушевување од самиот себе, од својот, човечки ум….“.

Ги помирува ли Ристески тие две најголеми крајности, верата и науката? Максим Ристески е сестран ерудит, и од формален и од неформален аспект. Дијапазонот на мислите од филозофските и теозофските школи, филмовите и музиката, сликарството и медиумите, технолошките гаџети и сомелиерските финеси, гастрономските познавања и политичките теории… кај Ристески е толку голем, а, истовремено, и толку компримиран во реченици со прецизен ритам. Или попрво би рекле „ритмичка гимнастика“ на логосот, што се чини дека во целиот роман и нема одвишен збор. Кај него естетиката не може без етиката, и обратно, без етика нема убавина што треба да го спаси светот. И затоа неговиот стил е избрусен до максимум. Не ни чудно: „Пештера“ е прв роман на Ристески, но тој има долга пишувачка журналистичка „километража“.

Тој стил можеби е постмодернистички, а можеби и не е, но, по ѓаволите со тие книжевно-теоретски термини што секогаш имаат фиока за новите тенденции. Стилот на Ристески, едноставно, не е афективен, туку софистициран, како суптилен водич низ модерната галаксија која се потпира на Стив Џобс исто колку и на стариот добар Гутенберг.

„Пештера“ може да се чита како политички  трилер „натопен“ во мистиката на православната филозофија. Кај него терминот „догма“ не е вредносен суд, туку ново преиспитување во манирот на „Догме 95“ на данските синеасти: без помпезни помагала, туку само авторовото „вјерују“ на дневната светлина на алегоричната пештера, каде што гледа само тој што може да види. 

„Пештера“ може да се чита и како продолжена „тајна вечера“ на неколку високообразовани и мистични млади луѓе тргнати во потрага по еликсирот на мудроста. И вистината, што и да значи тој збор, каква и да е. И тоа на неколку различни меридијани во светот, со различен идеолошки „есцајг“. Почетната позиција им е дебатата за „созерцанието“ на денешниот светски (идеолошки) поредок на две различни географски точки, поправо геополитички точки, а крајната е чекањето на „Армагедонот“, кога веќе Годо нема да дојде. И кој е предавникот на човековите идеали. Сето тоа зачинето со мајсторството на авторот Ристески во нијансирањето на сите битни мислителски школи од дамнината до денешнината, пропратено со извонредна информираност за најважните (поп)културни и (мас)медиумски вредности. И, nota bene, без одвишно саморекламирање.  

Затворете ги очите и замислете ги браќата Карамазови на Ф.М. Достоевски – Аљоша, Иван и Дмитриј – во денешната цивилизација. Ама на стероиди. Секако, и мудрецот, старецот Отец Зосима. А потоа отворете ги очите и почнете со откривањето на „Пештера“.

Зошто Ристески уште на самиот почеток, во експлозивното мото на романот, добронамерно предупредува: „Живот е кога што и да имаш, сфаќаш дека немаш ништо освен она во што веруваш и на што ја засноваш личната целовитост; и го чекаш тоа што ќе дојде, што и да е, колку и да е лошо, немоќен да го спречиш или да го смениш, но сигурен дека соодветно ќе реагираш“ .

Книгата може да се најде во книжарницата „Или-Или“.

Стрипови/Графички романи:

Издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“, неодамна ги издаде графичките романи „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“ од германскиот автор и цртач Рајнхард Клајст, и „Алжир е убав како Америка“, од француските автори Оливија Бартон (сценарио) и Махи Гран (цртеж).

Графичкиот роман „Стармен“ раскажува за подемот и падот на, веројатно, најпознатото алтер его во музичката историја. Во него, авторот Рајнхард Клајст, ги испреплетува судбините на ексцентричниот фиктивен лик и Дејвид Боуви, од раните неуспешни денови на лондонската музичка сцена, до борбата со својата креација на врвот од славата.

Зиги Стардаст е измислен лик создаден од Дејвид Боуви (името Зиги е земено од кројачки дуќан, кој Боуви го има приметено додека патувал со воз). Тој е рокенрол вонземјанин испратен на Земјата да ја пренесе пораката на надеж, во последните пет години од нејзиното постоење… 1972 година го означува раѓањето на овој рокенрол месија, чии провокативни настапи му го донесоа на Дејвид Боуви статусот на водечка светска музичка ѕвезда, поосчуваат од Бункер. 

Преводот од германски јазик е на Симона Мирчевска, а предговорот го напиша Игор Анѓелков. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски,

Рајнхард Клајст е реномиран германски стрип-автор, преведуван на повеќе јазици, а неговите дела освоиле некои од најпрестижните награди. Графичкиот роман „Cash I see a darkness“ (биографија на уште една музичка икона Џони Кеш) беше номиниран за двете најпрестижни американски стрип награди Ајзнер и Харви. Заедно со графичкиот роман „Боксерот“ беа прогласени за најдобар стрип на германски јазик во годините на нивното објавување.

„Дали по повеќе од половина век од независноста, војната во Алжир е навистина завршена?“, е прашањето што го поставува „Алжир е убав како Америка“.

Ништо не е сигурно, бидејќи товарот на страдањата на актерите се пренесува на нивните потомци. Црни стапала е погрден назив за луѓето со француско потекло, кои биле родени и живееле во Алжир во периодот од 1830 година до 1962 година кога, по крајот на крвавиот алжирски конфликт, биле принудени да ја напуштат земјата и да се вратат во Франција.

Оливија Бартон е црно стапало. Расте во Франција, слушајќи приказни за митскиот Алжир разорен од пеколот на војната, чии лузни се уште се чувствуваат на двете страни од Медитеранот. На 40 години и покрај предупредувањата, решава сама да отпатува и да ја запознае земјата на нејзините корени…

Преводот од француски јазик е на Јоана Хаџи-Лега Христоска, а лектурата на Милена Стојановска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с.

Стриповите/графичките романи можат да се набават во „Бункер“, првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.

Музика: „Бејрут“

Приказната за американскиот бенд „Бејрут“ („Beirut“) започнува кога 17 годишниот Зак Кондон (роден во 1986 година) , ја напушта гимназијата во Санта Фе, Ново Мексико каде што израснал и оди со неговиот братучед на патување по Европа исполнето со локални алкохоли и музика.

Зак, дотогаш посветен на електронската музика, една вечер за време на патувањето, во апартманот над неговиот слуша како трешти дотогаш за него непозната музика која веднаш му се допаѓа. Таа вечер за прв пат слуша балканска фолк музика која го восхитува и која ќе го инспирира во годините кои следат. Ја слуша музиката на Горан Бреговиќ и на дувачкиот оркестар на Бобан Марковиќ.

Овие музички откритија го дефинираат понатамошниот творечки живот на Кондон чија музика може да се опише како инди музика фузирана со балкански, сицилијански и арапски фолк. Музика најчесто полна со меланхолија, пијани вечери и носталгија. Музика која никогаш не била планирана за создавање комерцијален успех, туку повеќе за задоволување на специфичните музички вкусови на космополитските и помалку хипстерски сцени во сите градови во светот. По враќањето во САД во 2005 година, Кондон го формира бендот Бејрут со кој ги издава албумите: Gulag orkestar, The Flying Club Cup, March of the Zapotec, The Rip Tide, No No No, Galipoli и последниот Artifacts.

Бејрут се бенд кој не сака големи турнеи и не води агресивни кампањи за промоција и продажба, но, сепак од почетоците во 2006 година, гради се поголема база на фанови и слушатели во целиот свет. Бендот, сепак имал неколку турнеи, но речиси секогаш морале да ги прекинат заради истоштеност и преголем стрес кај Зак Кондон кој, ете иако забавувач е прилично интровертен тип.

Предлог песни:

Галиполи https://www.youtube.com/watch?v=knHvi4A8v9Q

La Llorona – March of the Zapotec https://www.youtube.com/watch?v=dQyqukuaCq0

Elephant gun – Artifacts https://www.youtube.com/watch?v=nZSnYoX7vx0

Nantes – The Flying Club Cup https://www.youtube.com/watch?v=dPRYEZx01qU

Подготвиле: С.С., В.Л.

Зачлени се на нашиот е-билтен