ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Амблематскиот „Голи во седло“, падот на Лаушевиќ, концерт на пијанистките Ќека и Трајчева, роман на Редондо

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме филм, концерт, роман и ТВ серија. Гледајте, читајте, слушајте…

Филм: „Голи во седло“на Денис Хопер

Филмот „Голи во седло“ (Easy Rider) на Денис Хопер (Dennis Hopper) од 1969 година (времетраење 96 минути) во историјата на американската и светската кинематографија е нотиран како клучно остварување на „Нов Холивуд“ и еден од најдобрите целулоидни изданоци на поп-културата (контракултурата), стекнувајќи амблематски статус меѓу филмаџиите од разни генерации.

Сторијата на Хопер и Питер Фонда (Peter Fonda) е фокусирана на Вајат (Фонда) и Били (Хопер), кои откако ќе заработат пари со продажба на кокаин, тргнуваат на долг пат со мотоцикл низ јужниот дел на САД, од Лос Анџелес кон Њу Орлеанс. Во текот на патувањата среќаваат различни луѓе, од благонаклонети хипици до конзервативци кои своето непријателство кон нивниот неконформистички стил на живот ќе го искажат на начин кој ќе предизвика трагични последици. Ликот на адвокатот-алкохоличар Џорџ, во толкување на Џек Николсон (Jack Nicholson), е еден од најефектните и највпечатливите не само во овој филм, туку можеби и во целиот опус на „Новиот Холивуд“.

Култниот статус што го стекна „Голи во седло“, освен на питорескната сторија во movie-on-the-road стил, актерите и режијата, се базира и на музичката подлога сочинета од сонговите на тогаш популарните бендови: The Band, The Byrds и Steppenwolf (евергрин песната Born to Be Wild) се дел од саундтракот на филмот.

„Голи во седло“ е прикажан на Канскиот фестивал, каде што Хопер ја доби наградата за најдобар дебитант а потоа беше номиниран за Оскар за најдобро оригинално сценарио и најдобар актер во споредна улога (Џек Николсон), БАФТА… Во 1998 година филмот е депониран во американската Конгресна библиотека како културолошко, историско или естетско значајно дело.

„Голи во седло“ е дел од ревијалната програма „Филм-философија“ на годинешниот Филозофски филмски фестивал, со проекција на 6 јуни во Кинотеката. Воведно излагање ќе има проф. д-р Елизабета Шелева на тема: „Митот за Западот и on the road жанрот“.

Концерт: Пијанистките Мимоза Ќека и Јована Трајчева во Филхармонија

Во вторник (6 јуни) со почеток во 20 часот во Камерната сала на Филхармонија ќе се одржи концертот насловен „Фидан“, на кој ќе настапат пијанистките Мимоза Ќека и Јована Трајчева. На програмата се дела за две пијана и четирирачно пијано од Бах/Куртаг, Сен-Санс, Рахмањинов, Сен-Санс/Дебиси, Пјацола и Мијо.

Рециталот започнува со прекрасната мелодија на Баховата Кантата бр. 106 и продолжува со „Six Morceaux“ на Рахмањинов, збирка извонредни парчиња за четирирачно пијано. Следува „Adios Nonino“ од Пјацола, а мелодијата продолжува да го обликува својот пат низ пасажите на „Danse Macabre“ од Сен-Санс и транскрипцијата на Дебиси за две пијана на „Introduction et Rondo capriccioso“ од Сен-Санс.

Во програмата е вклучена и изведбата на фантастичната композиција „Scaramouche“ од Дариус Мијо. Со трите ставови на „Scaramouche“, секој со свој посебен карактер, публиката ќе има можност да ја доживее интригантната енергија на првиот став до нежните и интроспективни мелодии на вториот и конечно да кулминира во раскошното финале нареченo „Бразилеира“.

Мимоза Ќека и Јована Трајчева остваруваат бројни рецитали низ државата и во странство. Во 2022 година одржаа самостоен пијано-дуо рецитал на конзерваториумот „Јана Дејла“ во Прага, настапуваат и на фестивалите „Concerti del Tempietto“ и „Les Dimanches Musicaux“  во Рим и Париз како и за СОС Детско Село Скопје со целовечерен рецитал насловен „Есенска Бајка“. Од 2019 година реализираат новогодишни концерти со наслов „Празнична Рапсодија“.

Пијанистката Мимоза Ќека, се истакнува како рециталист и камерен музичар со своите бројни концерти во земјата и странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност – Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, магистрира под менторство на проф. Лилија Зилберштајн, a во 2021 година се стекнува со титулата Доктор по музичка уметност. Настапува во многу европски градови вклучувајќи ги Париз, Рим, Бристол, Милано, Трст, Сиена, Прага… Во 2022 го објавува соло албумот „Non-Fungible“ и одржува солистички рецитал во „Gallery MC“ во Њујорк, САД.

Јована Трајчева своето основно музичко образование го завршува во класата на реномираниот педагог проф. Људмила Романова во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј”. Во 2015 година дипломира, a во 2017 магистрира на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Нина Костова. Бележи успешни настапи на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, „Musica Viva“, „Есенски музички свечености“. Одржала повеќе солистички рецитали во градови низ земјата, а како позначаен ќе се спомене рециталот во црквата „Св. Софија“ во Охрид 2017 година. Пијанистката Трајчева настапува на фестивали во Рим, Ибица, Милано, како и во Cite des Arts во Париз, а настапува и со оркестарот на Македонската Филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи. Јована Трајчева е наставник по пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј“.

ТВ серија: „Пад“

ТВ серијата „Пад“ на режисерот Бојан Вулетиќ, инспирирана од автобиографскиот роман-бестселер на познатиот актер Жарко Лаушевиќ, „Годината минува, денот никогаш“ (преведена и издадена и на македонски јазик), во формат со осум епизоди, го опишува трагичниот настан со две жртви од август 1993 година во кој што учествувал познатиот актер.

Структурата на серијата е комплексна, од една страна ги следи затворските денови и судската постапка врзани за случајот, додека од друга страна низ сеќавања и асоцијативна реминисенција, ги дознаваме најважните моменти од приватниот живот на главниот јунак во „Пад“, Иван Маслаќ кој го толкува еден од најпопуларните актери на Балканот во моментов, Милан Мариќ (филмот „Тома“, ТВ сериите „Државен службеник“, „Беса“…). 

Сторијата е комплексна, во неа се преплетуваат минатото и сегашноста, семејните односи и релациите со другите затвореници, и сето тоа филтрирано во интроспективната анализа на главниот јунак за грижата на совеста. Секоја епизода содржи и по еден мал „есеј“ за глумата каква што ја сфаќа главниот лик-актерот. Во серијата не е категорично кажано, но суштината на трагедијата лежи во старата црногорска изрека за чојството и јунаштвото: „Јунаштво значи да се браниш себе си од другите, а чојство да ги браниш другите од себе си“. Маслаќ е на половина пат меѓу јунаштвото и чојството…  

Лаушевиќ е актер познат во целиот регион. Пред инцидентот во Подгорица во 1993 година и осудата за двојно убиство уживаше широка популарност во целиот регион и оствари низа улоги во култни филмови и телевизиски серии како „Сивиот дом“, „Шмекер“, „Кажи зошто ме остави“. Во неговиот автобиографски бестселер „Годината минува, денот никогаш“ говори токму за времето поминато во затвор издржувајќи ја казната за двојното убиство. Во 2011 година беше помилуван од тогашниот српски претседател, Борис Тадиќ.

Ако постои некое визуелно „четиво“ кое може барем малку да ни доближи некои аспектите од неодамнешните трагедии со масовните убиства во Белград и Младеновац, тогаш ТВ серијата „Пад“ е прва на таа листа. Покрај ѕвездата Мариќ во неа настапуваат: Јован Вељковиќ, Дејан Цицмиловиќ, Крешимир Микиќ, Љубомир Бандовиќ, Дубравка Дракиќ, Милица Јаневски, Анѓела Јовановиќ, Борис Исаковиќ, Мима Караџиќ, Светозар Цветковиќ…

Книга: Роман „Сето тоа ќе ти го дадам“ од Долорес Редондо

Приказната на романот на Редондо, во издание на „Антолог“, говори за познатиот писател Мануел Ортигоса, кој добива известување дека неговиот сопруг Алваро Муњис де Давила загинал во сообраќајна несреќа во Галиција кога всушност требало да биде на службен пат во Барселона. Се упатува таму и открива дека истрагата за случајот е затворена, а човекот со кој бил во брак петнаесет години криел од него дека потекнува од богато благородничко семејство и дека тој му е единствениот наследник.

Растргнат помеѓу болката од загубата и од сознанието за двојниот живот, сака да избега веднаш по погребот. Но го задржува Ногеира, полицаец во пензија, кој се сомнева во околностите за смртта на Алваро исто како и за друг смртен случај во неговото семејство, за кој мисли дека бил прикажан како несреќен случај. Заедно со свештеникот Лукас, кој му бил најдобар пријател на загинатиот од детството, го наведуваат Мануел да започне истрага за ненадејното патување на Алваро во Галиција и за неговиот таен живот. Ја почнуваат потрагата по вистината во место во кое старите обичаи и верувања се длабоко вкоренети и место што крие многу тајни.

Долорес Редондо (1969) е баскиска писателка што пишува на шпански јазик. Студирала право и гастрономија. По дипломирањето, работела во неколку ресторани, за на крајот да отвори свој локал. Во светот на литературата влегла пишувајќи кратки раскази и приказни за деца. Добитничка е на наградата „Премио планета“ за 2016 година. Со „Бастанската трилогија“ прераснува во глобален книжевен феномен. Трилогијата станува една од најуспешните шпански криминалистички серијали, преведена на повеќе од триесет јазици.

„Сето тоа ќе ти го дадам“ е добитник на наградатата „Планета“ за 2016 година, која се доделува од 1952 година и е највредната книжевна награда во светот, бидејќи авторот добитник добива еден милион евра. Наградата е основана од Хозе Мануел Лара Ернандез и се наградува најдобриот ракопис напишан на шпански јазик. Меѓу досегашните добитници се Марио Варгас Љоса, Рамиро Пиниља, а Ернесто Сабато ја има добиено но одбил да ја прими наградата.

Преведувачката Виолета Јагев (родена 1953) е дипломиран инженер технолог и преведувач од шпански јазик. Живеела во Перу 17 години. Има над 40 книжевни преводи, добитничка е на наградата за превод „Ванѓа Ча­шуле“  во 2012 година и на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за преве­дувачкиот опус во 2017 година на Советот на Меѓународната средба на книжевните преведувачи.

Избрал: С. Синадинов

Треба да знаете
Moже да ве интересира