Време е за силна опозиција за да се спречи силен режим

СДСМ мора да продолжи да се бори. Но, ако на парламентарните избори се пресликаат трендовите од првиот круг од претседателските избори, ќе мора да каже дека пораката на народот е јасна со уште една силна порака од своја страна дека останува да се бори за секој глас на сите слободни и прогресивни демократи затоа што само силна опозиција може да спречи силен режим.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Потребата од уставни измени нема да исчезне преку ноќ со победата на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори. Доколку победи ВМРО-ДПМНЕ ќе си ги преземе уставните измени како тешки камења околу вратот од кои ќе сака бргу да се ослободи. Тоа дека нема да ги прифати по диктат, ќе се трудат бргу да го заташкаат.

Ако се гледа на скорот на Пендаровски во првиот круг како огледало на рејтингот на СДСМ, и сите останати партии, без ГРОМ, освоените гласови во првиот круг ги гледаат како одраз на нивната сопствена улога во поделбата на колачот на парламентарните избори.

Но, во занесот, или разочарувањето од постигнатото во првиот круг од претседателските избори, се заборава дека тие резултатите нема да се пресликаат и на парламентарните избори. Моделот за претседателски избори функционира како една изборна единица, додека заради донтоновата равенка на изведување на бројката на пратеници на парламентарните избори е една сосема поинаква математика.

Трета „математика“ е онаа која нема математичка логика и таа е онаа која „работи“ во периодот кога се формира влада, а тоа е логиката на политичкиот прагматизам кога сѐ можно, но истовремено и неможно. Таков е парадоксот на политичката математика.

Затоа не е случајно тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски имаше потреба уште вчера, во првото обраќање до јавноста да соопшти дека му се јавил на телефон на Арбен Таравари, му честитал и му посакал „успешни парламентарни избори и ИДНА ВЛАДА во Македонија“.

– Не разговаравме за детали. Во деновите кои што следат и за тоа ќе разговараме. Сакав да му изразам поддршка на Таравари и на оние кои се обединија против лошите политики на СДСМ и ДУИ, а се дел од албанската опозиција. Ние како ВМРО-ДПМНЕ кои се спротивни на овие политики сме тука и сме подготвени да разговараме за иднината на Македонија, рече Мицкоски на прес-конференција од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ова е сосема јасна и отворена понудата на Мицкоски за влада со Коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и јасна позицијата дека со ДУИ нема преговори.

И токму со овие ставови ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски влегуваат во сферата на политичката математика, која во помеката варијанта се нарекува политички прагматизам.

Во тој политички прагматизам, во процесот на формирањето влада, победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се „судри“ со сопствените и со ветувањата на останатите во предизборниот период.

Постојат разни варијации, но еве да ја земеме најоптималната за ВМРО-ДПМНЕ – сојуз со „Вреди“ (ВЛЕН) и ЗНАМ за парламентарно мнозинство за формирање влада.

За да се постигне таква владина коалиција, трите партнери ќе треба да се согласат на уставни промени веднаш заради условот на ВЛЕН. Во таков случај ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ќе треба да прифатат „уставни измени по диктат“, а тоа тешко дека ќе можат да го оправдаат пред своите гласачи кога е веќе јасно дека и двете овие партии добија гласови токму заради ова нивно ветување.

Но, она што секако го знаат во ВМРО-ДПМНЕ е дека во истиот тој момент кога ќе успеат да создадат мнозинство во парламентот, ќе ги преземат уставните измени во наследство и ќе мора да ги решат. Колку порано, толку полесно ќе балансираат со ВЛЕН.

Комбинацијата ВМРО-ДПМНЕ/ЗНАМ/ВЛЕН ги остава надвор ДУИ и Левица. Левица зашто не е компатибилна со било која партија на Албанците заради екстремни анти-албански ставови, а оставањето на ДУИ надвор од „сојузот“ ВМРО-ДПМНЕ/ЗНАМ/ВЛЕН е многу непријатен фактор кој носи ризици за сериозни тензии на улиците, иако формулата „победник со победник“ веќе не е во функција.

Токму затоа, на опцијата ВМРО-ДПМНЕ/ЗНАМ/ВЛЕН може да се гледа и како на преодно сценарио во кое улога може да добие и ДУИ за да се донесат уставните измени, бидејќи тие ќе останат да висат на вратот на ВМРО-ДПМНЕ како тешки камења.

Пред да биде вклучена во Владата, ДУИ малку ќе отседи во опозиција за да се оправдаат  ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН за ветувањето дека го испратиле Али Ахмети и дружината во опозиција.

Ваквото преодно сценарио може да дојде или да добие ендорсмент, односно да биде поддржано од меѓународниот фактор, особено од САД. Тоа на ВМРО-ДПМНЕ ќе му биде добредојдено зашто ќе си обезбеди оправдување пред гласачите и ќе ѝ помогне на партијата да се ослободи од „тешките камења околу вратот“, односно уставните измени.

Ова сценарио има и подваријанта. Подваријантата се гледа во реализација на она што беше споменувано уште пред да почне кампањата дека уставните измени може да се донесат за време на техничката влада. Тоа претпоставува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифати оваа опција. Со верификација на мандатите на пратениците, во Собранието оваа партија ќе има мнозинство за да формира влада, но ќе се прифати да бидат донесени уставните измени. Тоа ќе биде доволно за да им оддаде признание дека покажале конструктивност, а кога ќе заврши целиот тој процес, ќе  повикаат на нови, предвремени избори за да ја симнат од грб одговорноста за донесувањето на уставните измени и да влезат без темата евроинтеграции во нова предизборна кампања.

Ако некој се прашува зошто би прифатиле во ВМРО-ДПМНЕ една ваква операција, одговорот е токму заради тоа заради што беа најмногу критикувани по ова прашање. Затоа што немаа(т) план за него. Вака ќе ја затворат таа тема и затоа што знаат дека не можат да испреговараат нова Преговарачка рамка.

Тоа не е единствената одговорност што ќе си ја преземе ВМРО-ДПМНЕ. Кога наеднаш ќе се најдат во извршната власт, ќе се соочат и со тоа да ја балансираат позицијата на новата претседателка виз-а-ви НАТО, зашто во Алијансата слушнаа пораки кои не се во согласност со вредностите на Северно-атлантскиот сојуз. Нема да биде многу пријатен разговорот на кој ќе треба да се расчистат овие прашања.

Забележувате дека во ова, како едно од можните сценарија низ кои може да се развива идната политичка сцена во Македонија, го нема СДСМ, освен како гласови на нивниот нов пратенички состав во Собранието за време на донесувањето на уставните измени.

Тоа е реалноста и на оваа партија не и останува ништо друго освен да ја прифати таа реалност и уште денес да почне да работи на сопствената консолидација. Како ќе го изведат тоа треба самите да си проценат, но освен што е тоа битно за самата партија, од огромна важност е и за македонското општество. Во наредниот период само консолидирана и стокмена СДСМ наспроти сите ризици треба да биде тука, на сцената како критична политичла сила која ќе биде браната авторитарното отклонување на ВМРО-ДПМНЕ, која знаеме дека си има таква скриена, па и отворена, тенденција.

СДСМ мора да продолжи да се бори и ако на парламентарните избори се пресликаат трендовите од првиот круг од претседателските избори, ќе мора да каже дека пораката на народот е јасна со уште една силна порака од своја страна дека останува да се бори за секој глас на сите слободни и прогресивни демократи затоа што само силна опозиција може да спречи силен режим.

Треба да знаете
Moже да ве интересира